Премиерот Димитар Ковачевски со видео порака го сублимираше и оцени учеството на владината делегација на годинашната Минхенска безбедносна конференција која оваа година по 58 пат собра над 30-тина шефови на држави и влади и највисоки членови на влади и претставници на најугледните меѓународни организации.
Како што истакнува Ковачевски во пораката, земјава уште еднаш доби едногласна и моќна поддршка од сите сојузници и затоа останува силно посветена на евроинтеграциите, а нашиот европски пат е трасиран и јасен.
Според него, новиот пристап и енергија во разговорите со Софија е препознаен како правилен и по него треба да продолжиме за конечно да ги надминеме разликите.
-На Минхенската безбедносна конференција годинава, Македонија учествуваше како рамноправна членка на НАТО. Во исклучително турбулентни времиња, средбите кои ги имавме со нашите стратешки партнери беа фокусирани на предизвиците кои претстојат на полето на европската и светската безбедност. Минхенската конференција пред сѐ, јасно ја демонстрираше целосната и силна обединетост на сите НАТО и ЕУ сојузници и партнери, и го прецизираше фокусот кон заедничко надминување на сите предизвиците поставени пред Европа, САД и светот. На средбите со највисоките претставници на НАТО, ЕУ, Соединетите Американски Држави и со сите останати, ја потврдивме нашата определба за зачувување на безбедноста и стабилноста, како на регионот, така и во светски рамки, вели премиерот во видео пораката.
Тој дополнува и дека интеграцијата на Македонија во Европската Унија значи почеток на нова ера на економски напредок, стабилност и развој за нашите граѓани. Од овој пат, порачува премиерот, не смееме да се откажеме.
-На средбите уште еднаш ја потврдив нашата позиција дека Берлинскиот процес останува приоритет, а на иницијативите како што е „Отворен Балкан“ гледаме како на нов инспиративен поттик за регионалната соработка. Горди сме на остварувањето нашата стратешка цел, целосна интеграција во НАТО и остануваме посветени на реформите и дијалогот кој ќе ни обезбеди европска иднина, подвлекува Ковачевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.