Eкс-премиерот Димитар Ковачевски стана член на глобалната тинк-тенк организација „COSCU“ (Конфедерација на училишта, колеџи и универзитети) чие седиште е во Хаг, Холандија.
Со задоволство соопштуваме дека Димитар Ковачевски, поранешен премиер на Македонија, се приклучи на „COSCU“ (Конфедерација на училишта, колеџи и универзитети), како член на Регионалниот советодавен одбор за Европа. Господинот Ковачевски носи богата експертиза и истакнат учинок во јавната служба служејќи како премиер на Република Македонија од јануари 2022 до јануари 2024 година“, пишува во соопштението на „COSCU“.
Зборувајќи за Ковачевски, од организацијата посочуваат дека за време на владеењето, тој ја водел државата кон значителни достигнувања, меѓу кои иницијативата за отпочнување на преговорите за пристапување во ЕУ, како и дека имплементирал клучни економски реформи кои ја поткрепиле отпорноста на државата во време на глобална криза.
Големото искуство на господинот Ковачевски во образовниот сектор перфектно се вклопува со мисијата на „COSCU“ за забрзан раст на образовната индустрија. Како доктор по економија и професор по бизнис економија и менаџмент на Универзитетот „Американ колеџ“ Скопје, тој покажа непоколеблива посветеност за академска извонредност. Неговите многубројни придонеси за науката во полето на економијата и менаџментот дополнително ја нагласија неговата посветеност за унапредување на знаењето и иновациите“, се вели, меѓу другото, во соопштението.
Во организацијата „COSCU“ се посветени на обликување на иднината на образованието глобално.
Ние ги поврзуваме образовните институции, корпоративните ентитети, претприемачите и инвеститорите од целиот свет заради позитивна промена и трансформација на образованието. Нашата мисија е да ги охрабриме луѓето и институциите да просперираат и да имаат значително влијание врз општеството преку квалитетно образование и шанси за стекнување знаења“, стои во полето „Нашата мисија“ на официјалната веб-страница на оваа тинк-тенк организација.
Како носител на листата на СДСМ и коалицијата во изборната единица 1 на парламентарните избори одржани на 8 мај, Димитар Ковачевски стана пратеник во македонското Собрание, но тоа, според она што го пишува во Изборниот законик, не го спречува да биде член на одбор на организацијата „COSCU“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.