Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, во рамки на Самитот на лидери на Берлински процес, учествуваше на првата работна сесија, посветена на интегрирање на Западен Балкан во единствениот пазар и подобрување на конвергенцијата со ЕУ. На првата пленарна сесија од Берлинскиот процес, земјите членки на ЕУ ставија акцент и на важноста на проширувањето на Унијата.
Учесниците на сесијата дискутираа за Берлинскиот процес кој има клучна улога како двигател на регионалната соработка и забрзувач на интегративниот процес за ЕУ.
Беше посочен неговиот важен инклузивен формат кој служи како катализатор за економска интеграција, инвестиции и проекти за поврзување кои се насочени кон помирување, безбедност, раст, вработување и просперитет. Лидерите на сесијата ги изнесоа своите ставови околу улогата на заедничкиот регионален пазар со што се овозможува подлабока трансформација на регионалната економска интеграција. Се разменија мислења околу заедничкото работење за исполнување на взаемната амбиција на земјите од Западен Балкан имајќи го предвид фактот дека со ваквите регионални достигнувања и со идните, регионот има силен стимул да продолжи по оваа траекторија на регионална соработка, информираат од Владата за содржината на првата работна сесија.
На првата работна сесија, Ковачевски ја потенцираше важноста на реформскиот процес на земјите од Западен Балкан, со што ќе се забрза економскиот раст, ќе биде поддршка за конкурентноста, а тоа ќе значи можност за отворање на нови компании и нови работни места. На состанокот беше истакнато дека клучно за напредок на регионот е и владеењето на правото, спречувањето на корупцијата и доброто владеење, со кои структурни реформи ќе се забрза и приближувањето на регионот кон Европската Унија.
На сесијата беа изнесени ставови и за важноста на Договорите кои земјите од регионот ги потпишуваат во рамки на Берлинскиот процес, со што се овозможува поголема професионална мобилност, повисокото ниво на соработка и поврзаност што всушност е суштината на ЕУ. Премиерот Ковачевски ја истакна важноста од блиската соработка на земјите од Западен Балкан, која создава можност ЕУ да го прошири своето влијание во регионот, да ја зајакне стабилноста и да се спротивстави на потенцијалните надворешни влијанија, информираа од Владата.
Покрај премиерот Ковачевски, на панелот посветен на интегрирање на регионот во единствениот пазар и подобрување на конвергенцијата со ЕУ, учествуваа и канцеларот на Германија, Олаф Шолц, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел како и голем број премиери и високи претставници на земјите членки на Европската Унија, како и меѓународните финансиски институции и земјите-членки вклучени во процесот–Германија, Франција, Австрија, Хрватска, Италија, Словенија и Обединетото Кралство, заедно со земји од Западен Балкан.
На оваа сесија учествува и дадоа поддршка и премиерите на Шпанија и на Холандија, Педро Санчез и Марк Руте, кои не се земји учеснички на Берлинскиот процес, но кои пред присутните лидери од Западниот Балкан ја изнесоа поддршката на Шпанија и Холандија за интеграцијата на земјите од регионот во ЕУ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.