Ќе имаме над 61 пратеник, можеби и над 70 пратеници и тие ќе ја формираат новата проевропска влада на 8 мај. Оваа коалиција која што ја гледате, СДСМ има свои коалициски партнери меѓутоа имаме и коалициски партнери со кои што ја формираме владата, истакна премиерот во оставка, Димитар Ковачевски во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 Телевизија.
На прашањето, дали СДСМ сам ќе оди на избори, Ковачевски посочи дека коалиции се прават врз основа на вредности, врз основа на визија и се врз основа на програми.
– Дали коалицијата ќе биде од традиционалните партнери коалициски со кои СДСМ оди на избори или ќе се работи за една поширока коалиција зависи од анализите, усогласување на програмските определби и секако, од кадровската понуда. Едно е факт, дека визијата за европска Македонија ја делиме сите коишто сме во оваа владина коалиција, оваа коалиција има многу јасен став во однос на тоа каде треба да биде РСМ до 2030 година и како. Од друга страна, имате коалиција или политички партии кои не само што не нудат ништо туку тие велат дека може да се случи и 100 години да не влеземе во ЕУ па можеби и никогаш, ова се зборови на претседателот на опозицијата кажано на телевизиско интервју – рече Ковачевски.
Тој рече дека на 9 мај, тоа е Денот на Европа, ќе биде прогласена победа на европската коалиција којашто повторно ќе ја формира европската Влада со која Македонија ќе стане земја членка на ЕУ.
– Апсолутно останувам на ставот што на првото интервју во јануари пред 2 години кажав дека ќе бидам премиер 12 години, значи остануваат уште 10 години. Се сеќавате дека опозицијата но и голем број аналитичари велеа дека се работи за човек кој што е неискусен, оваа влада нема да трае повеќе од 3 месеци. Опозицијата рецитираше секој март, септември и декември дека ќе има предвремени избори. Јас и тогаш кажав дека оваа влада ќе го заврши мандатот во целост и дека ќе одиме на редовни избори. Тоа и се случи и еве го остваривме нашиот мандат така како што е предвидено со закон и после 2006 година прв пат имаме редовни избори – рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски за телевизија Канал 5.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.