Премиерот изјави дека и без поддршка од опозицијата, земјава станала членка на НАТО, го постигнала договорот со Фронтекс, а наскоро, како што кажа, ќе стане членка и на Европската Унија. Оттука, додаде дека опозицијата има изговори од трето одделение за неподдржувањето на ваквите одлуки, а таквите изговори, како што рече, не поминуваат

Сите предлози кои ги има, опозицијата може да ги поднесе до Комисијата за уставни прашања, која ќе биде формирана во Министерството за правда, и таму да се дебатира.

Ова е одговорот на премиерот Димитар Ковачевски на новинарско прашање како ја коментира идејата што синоќа во интервју за ТВ Сител ја изнесе универзитетскиот професор по политички систем и поранешен пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Спасеновски, оти опозицијата може да се придобие за гласање на уставните измени доколку се смени актуелниот грб на државата.

„Слободно нека ги донесат сите свои предлози во Комисијата за уставни прашања, која ќе биде формирана во Министерството за правда, и таму ќе може да се разговара“, кажа премиерот одговарајќи на новинарски прашања по увидот во градежните работи на социјална зграда во Бутел.

Ставовите на опозицијата, додаде Ковачевски, јасно е дека се менуваат на дневно ниво.

„Бидејќи гледаме, прво беше хрватски модел, сега грб, така што, ставовите на дневно ниво таму се менуваат. Ќе видиме до крај како ќе биде“, рече премиерот.

Коментирајќи во оваа насока, Ковачевски додаде дека и без поддршка од опозицијата, земјава станала членка на НАТО, а наскоро, како што кажа, ќе стане членка и на Европската Унија.

„Дали има легитимитет нашето членство во НАТО? Има, иако опозицијата не го поддржа. Ќе станеме членка на ЕУ и јас се надевам дека опозицијата еднаш нешто ќе поддржи. Опозицијата не го поддржа ни договорот со Фронтекс за којшто утре почнува имплементацијата, каде што за првпат имаме македонски јазик со сите други јазици на ЕУ. Опозицијата ни тоа не го поддржа. Кажаа дека биле на пауза во Собрание. Сите биле внатре, тие биле на пауза, не слушнале кога ѕвонело ѕвончето. Така што, такви изговори од трето одделение не поминуваат“, изјави Ковачевски.

Универзитетскиот професор по политички систем и поранешен пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Спасеновски, вчера во интервју за ТВ Сител изјави дека за да се дојде до потребното двотретинско мнозинство за уставни измени, политичарите треба да се осврнат на креативни решенија.

Станува збор за решенија со кои, според него, би се антиципирале стравовите на оние што се противат на уставните измени и со кои ќе се овозможи нивна поголема идентификација со уставноправниот политички систем во државата. Еден таков пример, кој Спасеновски го спомена, е враќање на дебатата за промена на државниот грб според предлогот од 2014 година.

Тоа, според него, би било и во светло на декларираната заложба на Владата за унапредување на единството.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.