Премиерот Димитар Ковачевски во Атина се сретна со претседателката на Молдавија, Маја Санду, при што двајцата изразиле задоволство од билатералната соработка, како и уверување дека поддршката ќе продолжи и во иднина, со цел постигнување на стратешките евроинтегративни цели на земјите.
Како што соопшти владината прес-служба, во таа насока, било посочено дека Молдавија, по добивањето на кандидатскиот статус од ЕУ, во јуни минатата година, може да смета на помош од Македонија во насока на споделување искуства и консултации, бидејќи нашата држава, има 100 отсто усогласување со заедничка надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, како и преку 40 проценти усогласување со европското законодавство.
Соговорниците размениле мислења за значењето на евроинтеграцискиот процес кој што е во функција на зацврстување на мирот, стабилноста на европскиот континент.
Во овој контекст, премиерот Ковачевски ја нагласил потребата од итно интегрирање на регионот на Западен Балкан во ЕУ и истакнал дека конкретно Македонија има поддршка од меѓународната заедница во текот на целиот процес.
Ковачевски и Санду истакнаале дека интензивирањето на економската соработка меѓу Македонија и Молдавија ќе придонесе за економски развој на двете земји.
Ковачевски во Атина е на покана на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, по повод одбележувањето на 20 години од одржувањето на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Солун и „Декларацијата од Солун“.
Во владината делегација која ја предводи премиерот Ковачевски е и заменикот на претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.