Премиерот Димитар Ковачевски разговарал со министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу, за кој некои од медиумите објавија дека планира попладнево на прес-конференција да ја поднесе својата оставка.

Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање за оставката, рече дека штотуку разговарал со Алиу и дека в четврток целата Влада ќе биде во оставка, па смета дека никој од министрите нема потреба да поднесува одделно.

Министерот Алиу е квалитетен човек. И како министер и кога нема да биде министер моето мислење е исто. Дискусијата е во насока на законите што неговото Министерство ги има предложено во Собранието и за кои веќе се подготвува расправа. Има пратеници што имаат поинакви мислења за дел од овие закони. Се работи за закони за јавната администрација, работните односи. Се надевам дека Алиу ќе има можност тоа да го презентира на парламентарната комисиска расправа и на парламентарната пленарна седница. И теба да ги презентира, напорно работеше на нивната финализиација, рече Ковачевски.

Тој е на чело на МИОА од февруари минатата година, а дојде од редовите на Алијансата за Албанците. Според информациите, Алиу е незадоволен бидејќи СДСМ и ДУИ одбиваат да ги стават на собраниска агенда законите за реформа на јавната администрација, дигитализацијата и законот за медиумите, што ги предлага Министерството.

Целата Влада ќе биде во оставка в четврток во 10 часот наутро по што ќе почне процесот за формирање на техничката влада на три месеца пред изборите. Дали Алиу ќе ја напушти функцијата два дена порано, ќе се знае во текот на денот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.