Премиерот Димитар Ковачевски смета дека односите меѓу Бугарија и Македонија се на многу подобро и на многу повисоко ниво на комуникација отколку што биле во периодот пред доаѓањето на двете нови влади.

На прес-конференција во Битола, Ковачевски потврди дека се преземени мерки за македонски службеници за кои има сомнеж дека работеле против добрососедските односи на двете земји.

Односите меѓу Бугарија и Македонија се на многу подобро и на многу повисоко ниво на комуникација отколку што беа во периодот пред доаѓањето на двете нови влади. Ние веднаш воспоставивме дијалог со премиерот на Бугарија, потоа имавме заедничка владина седница во Софија каде беа формирани и почнаа да работаат групи со веќе видливи резултати во различни области значајни за граѓаните, но и за економските субјекти, за развој на инфраструктурата, развој на образованието, а денес има средба работната група за евроинтеграции. На заедничката владина седница присуствуваа и копретседателите на Историската комисија и карактеристично за нив е што работаат по своја методологија, незвисно од политичарите и од другите работни групи. Кога во таа комисија има заеднички ставови тогаш заеднички соопштуваат и ги испраќаат до владите. Во овој момент нема предлози од страна на Историската комисија до двете влади – изјави Ковачевски.

Тој додаде дека клучно за комисијата е разговорите да ги водат во позитивен дух бидејќи историските факти и сознанија треба да претставуваат добра основа за градење на пријателство и соработка меѓу две соседни држави.

На новинарско прашање во врска со дејствувањето на одредени служби или поединци против добрососедските односи меѓу Бугарија и Македонија, како и за информациите кои во јавноста ги соопшти бугарскиот премиер Кирил Петков, премиерот Ковачевски потврди дека и во земјава се преземени мерки за тој случај.

Со министерот за надворешни работи од првиот ден имавме информација за тоа што се случи и тоа беше предадено на службите за безбедност што се задолжени за таа проблематика. Детали не можам да откривам, бидејќи се работи за класифицирани информации. Премиерот Кирил Петков даде јавна изјава дека постојат лица кои работеле против нивните интереси (интересите на Бугарија), а потоа и против добрососедските односи и против постигнувањето на евентуален договор. Како што е познато, во Бугарија има истрага, а јас немам причини да не му верувам на премиерот на Бугарија бидејќи тој тоа многу транспарненто го соопшти во обем на кој може да се соопшти, бидејќи се работи за класифицирани информации и истрага. За нашите службеници преземени се активности, но неможам да ви кажам други детали – изјави Ковачевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.