Буџетите на општините се правени во исто време кога е правен државниот буџет, рече денеска премиерот Ковачевски по однос на барањето на општините од владата да им помогне за справување со енергетската криза. Тој потенцираше дека за разлика од државниот буџет во кој се предвидени ставки за справување со кризата, во општинските буџети не биле предвидени такви резерви.

-Тоа треба како одговорни менаџери на општините да го направат и градоначалниците. Кога тоа ќе биде направено, низ дијалог кој секогаш постоел со единиците на локална самоуправа преку ЗЕЛС, и во координација со економските ресори на Владата, ќе се разговара, но мора сите да бидеме одговорни и сите да придонесеме кон поддршка на граѓаните и стопанството во однос со справување со енергетската криза и економската криза, изјави Димитар Ковачевски, премиер.

Премиерот Ковачевски денеска присуствуваше на поставување на камен темелник на новиот 400 kV далекувод од страна на МЕПСО кој ќе тргнува од трансформаторската станица „Битола 2” до македонско-албанската граница, за што рече дека е дел од зелената транзиција на државата.

-Електричната енергија која се произведува во Бугарија ќе може да транзитира низ Макеоднија во Албанија и понатаму на пазарите преку подводната конекција до Италија. На тој начин сите компании имаат бенефит од трговијата со електрична енергија која ќе се одвива по завршувањето на овој проект, второ самиот капацитет на преносната мрежа и изградба на нови трафостаници и  400 КВ далноводи дава можност за нови инвестиции во Македонија, рече Ковачевски.

Директорот на МЕПСО пак откри дека причината за дефектот заради кој пред неколку дена главниот град остана без струја е софтверски проблем.

-Моментално стручните служби работат на анализа од различни трафостаници и анализа на софтверските подесувања за во иднина при такви стандардни дефекти да не се исклучи цела трафостаница, туку само далеководот. Значи првичните сознанија се дека заради софтверска грешка наместо тој далековод е исклучена цела трафостаница, изјави Орхан Муртезани, генерален директор на АД Мепсо.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.