Одговорот воопшто не беше наменет кон новинарот или кон телевизијата, или спрема кој било медиум, бидејќи моите одговори се кон прашањето. Сметам дека министерот Битиќи добро постапи и го поддржувам во тоа што го направи, изјави премиерот Димитар Ковачевски и претседател на СДСМ кој присуствуваше на сенародниот собир кај манастирот „Свети Димитрија“ кај прилепско Селце.

Тој одговори на новинарско прашање за ситуацијата при вчерашната прес-конференција во Скопје кога вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи ги напушти изјавите откако новинар го праша премиерот „Дали остануваат на ставот дека нема да има заедно парламентарни и претседателски избори и дали се подготвени како влада, ако не успеат изборите целата држава да биде во рацете на политичката партија ДУИ“. Беше прашан и дали ќе се извини.

Во однос на вчерашниот ден имаше прес-конференција на која беше одговарано на прашања. Одговорот не беше насочен лично ниту спрема новинарот ниту спрема кој било медиум, туку беше насочен кон темата која беше поставена. Тука се повикав на она што беше кажано во мојот говор на 11 октомври во Куманово при што кажав дека во нашата држава имаме изградено мултиетничко општество, едно општество за сите, имаме изградено соживот кој овозможува на секој поединец, без разлика на неговата етничка, национална, верска или која било припадност да може да го планира, да го развива својот личен, професионален капацитет и својата кариера. Сметам дека тоа е голема придобивка. Фатмир Битиќи е Албанец, но во исто време е и вице-премиер на Владата, предложен од СДСМ. Тој е мој вице-премиер. Не е вице-премиер зашто е Албанец, туку зашто неговото „си-ви“ е едно од подобрите од областа на економијата во мојата и во неколку генерации економисти. Работел а меѓународни проекти, поминал врвни обуки и сметам дека поставувањето прашања дека кој било припадник на која било етничка заедница дали може да извршува одредена функција, е некоректно, изјави Ковачевски.

Премиерот нагласи дека државава во поглед на слободата на медиумите е на 38 место, наспроти на 120-тото во поранешниот период во 11-годишен комплетно недемократски режим. Тој со директно посочување на, како што рече, ширење тензии на национална основа од двете опозициони партии ВМРО-ДПМНЕ и Левица, постави и директно прашање до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Во нашата држава постојат две политички партии кои во моментов се во опозиција, тука мислам на ВМРО-ДПМНЕ и на Левица, на кои единствена агенда во моментов им е ширење тензии на национална основа и го прават секојдневно, што во значително непријатна ситуација ги става и медиумите. Тоа не води никако напред. А истите тие политички партии кои зборуваат против политичките партии со етнички предзнак, тие 11 години беа на власт со тие партии. Истите тие партии кои сега се прават лавови, 11 години беа како мачиња во коалиција со ДУИ. И прашувам: дали лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и членови на неговото високо раководство колку пати во последниве шест месеци барале и оствариле средби со лидерот и високи функционери на ДУИ и за што разговарале на тие состаноци, доколку ги имале?, изјави Ковачевски.

Тој испрати порака за значењето на 11 октомври, Денот на народното востание, нагласувајќи дека сите министерства во моментот работат да ја поминеме тешката зима која ни претстои во поглед на енергенсите и контролирањето на цените на производите.

 Темелете удрени на 11 октомври кога почнало народното востание, темелите поставени и на 2 август 1903 година во Крушево, и на 2 август на заседанието на АСНОМ 1944 година, како и на 8 септември 19911 година, претставуваат и аманет за нашата генерација политичари, а и на граѓаните, да го оствариме вековниот сон на сите борци за независна Македонија, а тоа е да изградиме држава членка на ЕУ, членка на НАТо, што го направивме, држава во која ќе имаме економски просперитет, врвна социјална правда, држава со врвно владеење на демократијата и правото. Не очекува повторно тешка и кризна зима на што сите министерства во Владата работат за да обезбедиме сѐ што е потребно: од енергенси и воспоставување на ред во цените во државава, рече премиерот Димитар Ковачевски и претседател на СДСМ на денешниот Собир во манастирот „Свети Димитрија“ кај прилепското село Селце.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.