Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека досега нема закажано официјален состанок со раководството на Алијансата за Албанците, одговарајќи на новинарско прашање дали во тек се преговори за влез оваа партија во Владата.
– Единствено се сретнав со пратеникот на Алијансата, професор Елми Азири, кој беше дел од Економскиот совет во проширен состав, со кој дискутиравме за економски мерки, изјави Ковачевски на денешната прес-конференција во Владата.
Изминативе денови се појавија информации дека Алијанса за Албанците ќе се приклучи во Владата, но претставници на раководството на партијата ги демантираа таквите тврдења.
Вршителот на должноста претседател на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари изјави дека засега немаат понуда за да влезат во Владата.
– Темата за тоа дали да се влезе или да се излезе не сме ја дискутирале, ние не сме биле дел од Владата ниту, пак, сме размислувале за тоа. Но, ќе размислиме, ќе ја разгледаме опцијата ако постои таков предлог, но сега за сега нема нешто такво, рече Таравари.
Пратеникот на Алијансата за Албанците и член на партиското раководство Сурија Рашиди, пак, изјави дека гласините за влез на партијата во Владата, се само шпекулација.
– Оваа тема не е претставена на ниту една средба, изјави Рашиди, додавајќи дека Алијансата за Албанците е сериозен политички субјект, кој не носи одлуки врз основа на шпекулации, туку врз основа на она што е реално и објективно
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.