Во наредните 80-тина дена ќе слушнеме многу предлози, но не би ги коментирал, бидејќи на 8 мај граѓаните ќе кажат кои се предлозите што ги сакаат, вели претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и поранешен премиер Димитар Ковачевски прашан дали на ниво на партија разговарале за предлогот на Али Ахмети и Арбен Таравари изборот на претседател да биде во Собранието.

 – Во однос на она што го изјавуваат сега политичарите ќе видиме многу измени и затоа нема да ги коментирам. Сега се наоѓаме веќе практично во изборна кампања, сите ќе даваат одредени ветувања, дел ќе предлагаат предлози што не зависат само од нив, на пример ако зборувате за промена на Устав, тоа зависи од две третини, така што не би ги коментирал. Во наредните 80-тина дена ќе слушнеме многу предлози што на крајот на денот на 8 мај, граѓаните ќе кажат кои се тие предлози што ги сакаат, рече Ковачевски по посетата на компанијата „Киел Македонија“ во Желино.

Прашан дали во рамки на СДСМ се разговарало евентуално за промена на системот за избор на претседател, кажа дека досега тоа не било предмет на разговори во партијата.

Во однос на коалицирањето на СДСМ, рече дека ќе предводи коалиција, којашто ќе ја сочинуваат политички партии со исти вредности, а тоа е зачленувањето на Македонија во ЕУ, исполнувањето на обврските од членството во НАТО и градење на општество според стандардите што ги имаат земјите членки на ЕУ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.