Следниот лидерски самит на Отворен Балкан ќе се одржи во првата половина од јуни во Охрид, информираше премиерот Димитар Ковачевски по неговиот денешен онлајн состанок со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и со премиерот на Албанија, Еди Рама.

Претседателот на Владата, на неговиот Фејсбук профил, наведе дека попладнево со Вучиќ и Рама одржал многу значаен онлајн состанок за идните чекори од нивната заедничка, препознаена и успешна иницијатива Отворен Балкан.

Ковачевски најави дека на почетокот од септември заедно ќе организираат голем туристички саем на вино и храна во Србија. Уверен сум, додаде премиерот, дека македонските производители на вино и храна ќе имаат што да му покажат на регионот.

– На самитот во Охрид ќе бидат потпишани значајни договори и меморандуми за соработка во културата, туризмот и економијата и затоа на овој состанок беа присутни и министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, министерот за економија Крешник Бектеши и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, додава Ковачевски во објавата.

Тој посочува и дека иницијативата Отворен Балкан останува отворена за Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина.

– Заедно сме Европа, потенцира претседателот на Владата во објавата на Фејсбук.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.