Креираме политики кои се системски и трајни и што е најважно создаваме услови за активно вклучување на лицата со попреченост во општеството, со што спречуваме каква било дискриминација, а од друга страна ги зајакнуваме сите форми на социјална солидарност, изјави претседателот на Владата, Димитар Ковачески, по посетата на Центарот за дневен престој „ЕДУ практика“ во Струмица.
Како што посочи премиерот, децата кои го користат овој дневен центар, имаат можност за разни активности, а овде се обезбедени и услуги за деца кои имаат потреба од индивидуален третман.
Овој центар е уште еден сервис на граѓаните, а Владата тоа и го овозможува преку бројните реформи во системот за социјална и детска заштита кои ги спроведуваме од 2017 година наваму. Овие центри се поддршка на можностите на секое дете за соодветна инклузија. Децата со попреченост услугите од ваквите центри може бесплатно да ги користат до својата 14 година. Со користењето на овие услуги во заедницата децата ќе може да ги надоградуваат своите функционални капацитети, а исто така овозможуваме нивните родители или старатели да можат да работат, наместо да седат дома и да треба да ги чуваат да се грижат за децата, изјави Ковачевски.
Ковачевски додаде дека со ваквите процеси се поддржува и вработувањето на стручен и квалификуван кадар, а во Центарот за дневен престој „Еду практика“ – Струмица, во моментот има вработено вкупно 12 лица, од кои шест се стручен кадар, односно дефектолози, психолози, социјален работник и логопед, четири негувателки и две лица како помошен персонал.
Оваа Влада направи длабински реформи на системот за социјална заштита во земјава, и слободно можам да кажам дека ги спроведуваме најреволуционерните зафати за промена на регулативата. Уште во 2017 година, го почнавме процесот на деинституционализација, државата вложи големи средства за отворање на нови мали групни домови. Со тоа овозможивме 24 часовна поддршка за лицата со попреченост, и можност да растат и да се развиваат во хумани услови. Донесовме нов Закон за социјална заштита на лицата со попреченост, со кој им овозможивме на овие наши граѓани да добиваат нови социјални услуги како поддршка за развојот во процесот на социјална инклузија во заедницата каде живеат, изјави Ковачевски.
Тој посочи дека Владата креира системски решенија кои даваат резултати на долг рок и изграден е систем на социјална заштита што ќе одговори на предизвиците со кои се соочуваат најранливите категории на граѓани.
Во моментот во државата има 35 државни дневни центри и осум дневни центри како овој во Струмица во кои работат лиценцирани даватели на социјални услуги.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.