Премиерот Димитар Ковачевски денеска ќе одржи редовна средба со лидерите од владината коалиција на која ќе ги информира за посетата на САД, искажаната поддршка за земјава и реформите за продолжување на европскиот пат.

Во пресрет на средбата Централниот одбор на СДСМ синоќа ги повика сите политички и општествени чинители во македонското општество на обединување околу европската иднина и продолжување на европскиот пат.

ЦО на седницата донел заклучок дека како одговорна и државотворна партија се што е до СДСМ ќе биде направено за да продолжи напредокот кон ЕУ и го задолжил Ковачевски да ги спроведе сите неопходни разговори и чекори, за Македонија да го продолжи европскиот пат, информираше портпаролката Богданка Кузеска, потенцирајќи дека членовите на раководството, пратеничката група, избраните и именуван носители на јавни функции од СДСМ, се на располагање и по потреба ќе бидат вклучени во процесот.

Иако свесен дека напуштањето на владината коалиција нема да донесе тектонски промени, лидерот на Достоинство Стојанче Ангелов е разочаран од СДСМ што пратениците од оваа партија не ја искористиле можноста да ја исправат големата неправда која им е нанесена на македонските бранители од 2001 година така што ќе гласаа ЗА Предлог-законот за дополнување на Законот за бранители.

Законите за урбанистичко планирање не треба да се донесат во оваа форма сметаат и од ВМРО-НП, партија од владината коалиција.

Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање категорички потврдувам дека не треба да се донесе. Законот за урбанистичко планирање е донесен во јавна и транспарентна постапка, во која учествуваа организации, здруженија како и Комората на овластени архитекти и овластени инженери, што не е случај и при донесување на овој закон, рече пратеникот Љупчо Балкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.