Претседателот на Владата на Република  Македонија, Димитар Ковачевски во рамки на работната посета на САД, се обрати на престижниот универзитет „Џонс Хопкинс“ во Вашингтон на тема: „Неодложна потреба за економски развој на Балканот“. Претходно, премиерот Ковачевски, одржа средба со деканот, Џејмс Стајнберг каде зборуваа за тековната работа како и плановите за активности во следниот период.

Сега додека го слушав воведот можам да кажам дека 2022 година беше навистина тешка година како и почетокот на 2023. Би сакал да се заблагодарам на факултетот за напредни меѓународни студии „Џонс Хопкинс“ за поканата. Ова е навистина голема чест и привилегија за мене да бидам на овој високопочитуван институт и да зборувам за неколку важни теми.  Македонија е многу уникатен пример за тоа како преку дипломатија и отворен дијалог се решаваат отворени прашања. Овие отворени прашања ги викам идентитетски прашања, ако ги погледнеме сите конфликти коишто се случија во државите на поранешна Југославија, а кога ќе ја видиме и бруталната агресија низ Украина, тука повторно се работи за идентитетска агресија, а Македонија докажа дека постои модел на дипломатија со којшто овие идентитетски прашања можат да бидат решени и затворени. Ова е првата тема на којашто сакам да дискутирам. Втората секако е за тоа колку сериозни одлуки во поглед на изборот на партнерство се потребни со сојузниците и како тоа секогаш носи подобра иднина за државата и граѓаните а тука мислам на партнерствата пред сè со САД а потоа и со ЕУ и другите НАТО сојузници. Третата тема на којашто би зборувал денес е мошне реална затоа што се однесува на енергетиката, енергетската безбедност и независност за мојата држава, Македонија но и за Западен Балкан како и Источна Европа токму овој период кога се одвива војната во Украина – рече Ковачевски.

Во шест кратки години од заробена држава затоа што 11 години имавме Влада којашто беше популистичка и којашто не носеше одлуки за земјата да напредува, сè беше насочено кон зборување за минатото и знаете за политичарите секогаш е најлесно да зборуваат за минатото, затоа што кога зборувате за минатото тогаш не ветувате ништо, просто играте на емоционалните чувства на гласачите и граѓаните, додаде тој.

Никогаш не ми се допаѓале политичари коишто зборувале за минатото. Ние започнавме да работиме и да зборуваме за иднината и затоа во шест години од заробена држава станавме земја којашто е членка на НАТО и сега ја согледуваме вредноста да се биде членка по војната во Украина. Потоа започнавме преговори со ЕУ, претседаваме со ОБСЕ, ова е најголемата безбедносна организација во Европа и тоа е последната организација кадешто сè уште постои дијалог со Русија. Македонија претседава со таа организација токму во оваа 2023 година и ние сме првата земја којашто отвори стратешки дијалог со САД. Сето ова се случи во изминатата година. Тоа беше возможно само преку носење храбри, тешки но и лидерски одлуки. Ние го решивме спорот со Република Грција, тоа не беше лесна одлука затоа што со цел да станеме членка на НАТО ние моравме да го промениме името на државата а тоа е крајната тешка и мачна одлука што некој ја направил во историјата. Тука гледам академици од Џонс Хопкинс, гледам студенти и не мислам дека има повеќе од три или четири случаи каде што се носеле такви одлуки. Второ како што спомена и Едвард ние исто така имавме два тешки круга на преговори со соседна Бугарија, прво да дојдеме до Договорот за добрососедски односи а второ да се договориме за преговарачката рамка со 27 земји членки на ЕУ. Тоа исто така вклучуваше и многу важни работи коишто требаше да бидат решени токму внатре во овие договори. Овие преговори коишто јас ги предводев минатата година беа навистина тешки затоа што низ нив имавме јасна цел што требаше да ја постигнеме. Првото секако го постигнавме, македонскиот јазик да стане службен јазик на ЕУ, без никакви додавки, фусноти, објаснувања. Второ дека идентитетот на македонскиот народ вклучително и неговата култура како и сите елементи на нашето наследство ќе станат дел од целиот тој мозаик на ЕУ и на нејзините нации. Ова беа двете важни прашања коишто ги постигнавме вклучително и почетокот на преговорите со скрининг процесот – рече Ковачевски.

Од друга страна ќе мора да вклучиме дел од бугарскиот народ заедно со дел од Хрватите, Црногорците и Евреите кои живеат во земјата во преамбулата на нашиот Устав затоа што веќе имаме делови од други нации како што се Албанци, Роми, Бошњаци, Срби, Власи и коишто веќе се дел од нашиот Устав. А претходно ако се навратам на 2001 година, го потпишавме Охридскиот рамковен договор којшто ја даде внатрешната стабилност на државата и сега малцинските права во Македонија би рекол се уредени на највисокото ниво споредено со било која друга држава во Европа, па дури и надвор од Европа. А зошто е ова важно? Затоа што тоа ни овозможува внатрешна стабилност на државата. Другите договори ни даваат надворешна стабилност и соработка на земјата, и токму поради овие стожерни договори на земјата ние станавме членка на НАТО, започнавме со пристапните преговори со ЕУ, претседаваме со ОБСЕ и од земја којашто беше потрошувач на некој начин, на надворешни преговори и медијации, и посредништва во други земји, од земја којашто беше корисник на медијација при преговорите, ние станавме медијатор на преговори заедно секако со САД и со ЕУ. Ова е навистина значителен успех и чекор напред за земјата. Затоа велам дека сите овие претходно споменати договори, тешки одлуки се столбот на нашата стабилност и на нашата иднина, затоа што иднината на граѓаните е бесценета.

Знаете кога ние станавме членка на НАТО и започнавме со пристапните преговори со ЕУ, тоа се случи практично во најтешкиот период за светот. Прво беше пандемијата, потоа беше војната во Украина, но кога ги гледам бројките од минатата година, во најлошата година по Втората Светска војна ние имаме највисоко ниво на странски директни инвестиции во државата. Над 700 милиони евра, тоа е двојно од бројот што го имавме во најдобрите времиња за земјата, и секако ова се должи на стабилноста на земјата. Минатата година во најтешката година, во секоја смисла, ние имавме највисоки државни буџетски инвестиции во земјата, 465 милиони евра и тоа е токму поради таа стабилност којашто успеавме ние да ја постигнеме. Овие нови странски директни инвестиции кога зборувам за странски директни инвестиции тоа се компании коишто доаѓаат од САД, од Канада, од Германија во автомобилската индустрија главно, нови три илјади работни места коишто беа отворени во само една година. Нивото на платите значително порасна, нивото на минималната плата исто така порасна за 100% споредено со периодот пред пет години, а нивото на пензиите беше зголемено за 40 до 50% повторно споредено со периодот пред пет години. Ова се бројки коишто покажуваат дека тешките одлуки функционираат и за економијата. Пред само две недели потпишавме договор со еден од најголемите производители на компјутерска, автомобилска и медицинска индустрија за производство на чипови. И кој би можел да замисли дека во Македонија ќе се произведуваат чипови како што денес се произведуваат во Тајван коишто држат 70 до 80 % од производството. Сето ова немаше да биде возможно без стабилност на државата – нагласи тој.

Во продолжение тој рече:

Што се однесува до инфраструктурата овие политички одлуки одат рака под рака со физичкото поврзување на државата. Кога ќе го погледнеме пејзажот на инфраструктурата на земјава кога била дел од Југославија ние сме го имале само коридор 10 од север кон југ. Автопат Белград – Скопје, Солун – Атина. Тоа беше единствениот автопат којшто го имавме и единствената железница која датира од времето на Југославија.

Значи може најчесто да се користи само за товарен транспорт на материјали. Денес започнуваме со градење на коридорот 8 којшто се движи во насока исток – запад и којшто никогаш не беше изграден поради политички причини. Југославија не беше дел од Варшавскиот договор. Албанија беше прилично изолирана во текот на комунистичките времиња и затоа немаше изградено инфраструктура којашто води кон исток или кон запад. Сега со закон усвоен во Собранието ќе градиме нов автопат кон границата со Албанија и тој ќе биде изграден од американско-турскиот конзорциум Бехтел и Енка којшто ќе ја поврзува земјата со запад. Исто така веќе градиме експресен пат кон Бугарија како и железница кон Бугарија. Веќе започнавме со тоа, повеќе од половина милијарда евра инвестиција сè со цел да имаме комуникација на коридор 8, додаде Ковачевски.

Зашто е ова важно? Досега зависевме само од пристаништето во Солун. Со коридор 8 земјата ќе може да стигне до пристаништето во Драч во Албанија и пристаништето во Бургас во Бугарија. Јас вака ја смислив таа реченица и гледам дека на многу луѓе им се допаѓа. Ако сте во центарот на даден простор како што е Македонија во центарот на Балканот, ако немате инфраструктура, тогаш ќе бидете само обиколница, но ако имате инфраструктура тогаш ќе бидете крстопат. И практично со овој коридор 8 ние ќе станеме вистински транспортен крстопат и коридор на Балканот. Не само на Западен Балкан.

Исто така постигнавме договор поради добрите односи и фактот дека немаме отворени прашања со соседите, направивме договор со Албанија додека тие го градат големото пристаниште Порто Романо ние ќе имаме суво пристаниште во еден од градовите блиску до границата со Албанија. Тоа значи дека товарот којшто доаѓа по море, давачките нема да се плаќаат во Порто Романо туку ќе може да се плаќаат во Македонија. Оние коишто работат во финансии знаат од колкава корист е ова во поглед на ликвидноста на компаниите кои работат во Македонија. Тоа ќе има влијание врз компаниите во државата, но и врз зголемената трговија на земјата со трети страни кои во главно се во јужниот и источниот дел на Европа.

Односите со САД, нашиот стратешки партнер од првиот ден на независноста на Македонија се најважни за нашата држава. Вчера имав средба со државниот секретар господин Блинкен, многу успешен состанок каде што беше потврдена силната поддршка на САД за евроинтеграциите на Македонија.

Ова за нас е многу важно затоа што таквата јасна порака им порачува на сите наши партнери во ЕУ, но им порачува и на сите политички партии во државата коишто поради различни причини не даваат поддршка на патот кон ЕУ. Нема алтернатива. Ако ги видиме сите бројки на економскиот раст на земјата коишто не се дел на ЕУ а претходно биле дел од социјалистички или комунистички системи тие растеле 2 до 2,5 стапки годишно. Земјите коишто се приклучија кон ЕУ како Чешка, Словачка, Хрватска, Полска, Романија, Бугарија тие растат со двојни стапки споредено со претходно.

Очигледно е дека има јасна корист за граѓаните да бидат дел од заедничкиот пазар. Затоа што една работа е ако работите на пазарот на вашата земја, тоа се мали пазари. Нашиот опфаќа 1,8 милиони луѓе споредено со заедничкиот пазар на ЕУ со половина милијарда граѓани што е поголем пазар дури од оној на САД.

Затоа велам дека нема алтернатива за земјата освен да стане членка на ЕУ и никој никогаш не предложил некоја поинаква алтернатива, освен некој политички партии што се финансирани од Русија.

Кога зборуваме за енергијата тогаш морам да кажам дека имаше парадокс којшто се случи во Европа. Овој парадокс беше направен односно се случи поради погрешни одлуки на Русија. Погрешната одлука на Русија да ја нападне Украина. Имаше инфраструктура во којашто милиони ако не и милијарди евра беа инвестирани со цел да се изгради северен тек, Дружба и други гасоводи кои што снабдуваа енергија од исток кон запад. Е сега оваа инфраструктура е бескорисна. Тоа е парадоксот број еден. Сега ние во Европа мора да градиме нова инфраструктура којашто ќе снабдува гас и нафта од југ кон север, од север кон југ и од запад кон исток.

Ние сме дел од коридорот од југ кон север и затоа веќе започнавме со процедурите и до крај на годината ќе започнеме со изградба на нов гасовод меѓу Грција и  Македонија којшто ќе биде поврзан со новиот терминал којшто се гради во Грција.

Тоа ќе биде терминалот во Александруполи. Веќе постои еден, а ќе има уште два други коишто ќе бидат изградени во Волос и во Пиреја.

Исто така Албанија има дискусии да изгради терминал на едно од нивните пристаништа веројатно Драч или Валона. Сеуште не е одлучено. И покрај тоа што досега имавме еден интерконектор за гасот од Гаспром од Русија сега ќе имаме нов интерконектор на којшто ќе бидат поврзани Србија, Косово и други земји.

Ова не води до можноста да изградиме нови енергетски постројки затоа што производството на енергија во овој регион главно се прави од лигнит и јаглен, тоа се веќе бескорисни постројки од времето на 80-те години од минатиот век, 1985 година итн.

Дискутиравме за ова со Џенерал Електрик и со други партнери држави за да изградиме постројки коишто ќе работат на гас за државата, како и регионални проекти со поголеми размери за државите коишто ни се во соседството.

Затоа што пејзажот на соседството во минатото се промени особено во минатите две децении.

Од земјите на Балканот сега ги имаме Словенија, Хрватска, Црна Гора, Македонија, Албанија, Бугарија коишто се дел од НАТО. Словенија, Хрватска, Бугарија станаа членки на ЕУ. Црна Гора, Албанија, Македонија преговараат со ЕУ и Србија исто така. Грција е членка на НАТО и на ЕУ. Пејзажот се промени на подобро. Регионалната соработка е навистина мошне важна на Балканот и затоа покрај европските интеграции ние исто така имаме и регионални иницијативи кои се градат на истата основа како и ЕУ. Тоа е слободно движење на луѓе, стоки, капитал и услуги. Берлинскиот процес е важен затоа што ги вклучува сите држави на Западен Балкан и ние навистина сме горди што договорите беа потпишани, а тие договори се во рамки на взаемно признавање на универзитетите и универзитетските дипломи и други нетарифни прашања.

Земјата депонент на овие договори е Македонија. Ова уште еднаш докажува дека големите и тешки одлуки коишто се носат на крајот се исплатат.

Секако тука е и иницијативата Отворен Балкан, иницијатива којашто е органска и која се заснова на четирите слободи на Европа. И тоа е оригинална идеја меѓу Србија, Албанија и Македонија.

Кој ќе помислеше пред само неколку години дека ќе има иницијатива Отворен Балкан што ќе ги вклучува Албанија и Србија заедно, и кои се резултатите. Потпишавме бројни договори во поглед на отстранување на нетарифните бариери.

Знаете, кога доаѓам во САД незамисливи се границите меѓу државите, во Европа исто како да нема граници, единствените граници кои остануваат се на Балканот. Регион каде што во минатото немаше граници и 70 % од транспортот е во чекањето на граници и затоа започнавме со отстранување на нетарифните бариери. Кој е резултатот?

Извозот на Македонија кон Србија изминатата година се зголеми за 50 %, кон Албанија за 40 %. Исто така нивниот извоз кон нашата земја се зголеми. Севкупната трговија се зголеми за 25 %. И бројот на туристи коишто ги имавме во 2021 година во споредба со 2020 од Србија се зголеми за 100 %, а бројот на туристи од Србија коишто ги имавме во 2022 година наспроти 2021 се зголеми за 500 %.

Ова е резултат на добрососедски политички односи и како тие влијаат врз комуникацијата, трговијата, туризмот и сите други важни аспекти на општеството.

Што се однесува до нашето членство во НАТО ние сме најновата, најмладата членка на НАТО, но не дозволивме тоа да ни претставува пречка. Многу сме активни, дури и кога не бевме земја членка на НАТО ние праќавме помош на мисиите предводени од НАТО. Досега сè што беше во наш капацитет го направивме да помогнеме на украинскиот народ и украинската Влада во нивната борба за независност, територијален суверенитет, право на самоопределување, како и одбрана на нивното демократско општество.

Ова е тоа што ние во Украина го поддржуваме. И на тој начин ја усогласивме надворешната политика со надворешната политика на ЕУ, 100 процентно, иако не сме членки на ЕУ, зашто кога ги споделувате истите вредности тогаш е лесно да се усогласите, а ние ги споделуваме истите вредности со САД и со ЕУ. Бидејќи  Македонија секогаш била на вистинската страна на историјата кога ќе погледнеме во некоја временска перспектива. Оваа помош ја понудивме во форма на воена и невоена помош. Сè е јавно објавено со релевантните одлуки донесени од Владата.

ОБСЕ е голем предизвик и ние сме почестени што ја имаме оваа голема одговорност да претседаваме. Во декември ќе биде големиот министерски состанок, кој ќе се одржи во Скопје. Ние ги поставивме нашите приоритети за претседателството, Украина, Кавказ. А нашиот министер за надворешни работи е сериозно вклучен во дискусиите во овие региони заедно со партнерските држави, главно со амбасадорите на Квинтата на ОБСЕ во Виена.

Тука би сакал да заклучам, а потоа да преминеме на прашањата.

Земјата има многу јасна визија за интеграција кон ЕУ, имаме јасен план за диверзификација на енергијата, минатата година успеавме да инсталираме околу 190 MW во капацитети кои може да снабдуваат 10 % македонски градови со чиста енергија. Планираме финансирање во поглед на енергетска инфраструктура, тоа значи гасоводите коишто ги споменав, постројките за производство на енергија како и интерконекциите со висока волтажа со соседите, тука пред сè мислам на Грција и Албанија затоа што градиме врска за транспорт на енергија.

Имаме јасен план којшто веќе го спроведуваме за да изградиме патна инфраструктура кон истокот и кон западот. Коридор 8 кој веќе стана дел а не беше дел од европските коридори, бидејќи само коридор 10 беше дел од паневропските коридори, но сега и коридор 8 ќе добие помош од ЕУ и од европските банки.

Јасно ја усогласивме нашата надворешна политика со онаа на ЕУ и започнавме со преговори со ЕУ, а извештаите од Брисел се навистина мошне позитивни. Успешно претседаваме со ОБСЕ и она што е предност, до крајот на годината е да ја донесеме одлуката за уставните измени за коишто вчера добивме силна и неприкосновена поддршка од државниот секретар на САД и неговиот тим,  рече Ковачевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.