Претседателот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски пред состаноците на партиското раководството за исходот од лидерската средба за уставните измени порача дека има променет став на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за ова прашање и оти е најпозитивно што се отвора простор конечно граѓаните да ја остварат втората стратешка цел – членство во Европската унија.
Во СДСМ по заседанието на Извршниот одбор, во тек е седница на Централниот одбор за начинот и формата со кои понатаму ќе продолжат преговорите со опозициската ВМРО-ДПМНЕ, по новите околности на политичката сцена од завчерашната средба на лидерите на двете партии.
Македонија ќе го продолжи евроинтеграцискиот пат преку усвојување на уставните амандмани, преку формирање на влада којашто ќе ги донесе, потоа ќе го доврши процесот на скрининг, ќе ги отвори поглавјата од првиот кластер, таа влада може и да затвори едно до две поглавја од првиот кластер и потоа таа влада, или техничка влада, меѓутоа сметам дека е подобро таа влада бидејќи таа ќе го има учеството на сите политички партии, да ги организира следните избори идната година и граѓаните да го кажат својот збор. Меѓутоа, според мене, она што е најпозитивно е што се отвора простор граѓаните конечно да ја остварат втората стратешка цел што ја имаме, а тоа е после членството во НАТО и зачленување во Европската унија, процес којшто сега е отворен за којшто има поддршка од сите земји членки на ЕУ – изјави Ковачевски, пред состанокот на Централниот одбор на СДСМ.
Тој рече дека е за поздравување, како што наведе, што има променет став на опозицијата во однос на претходниот дека нема начин да поддржат уставни измени поздравување.
Овие состаноци доаѓаат по лидерската средба на која што имаме променет став на опозицијата, каде што јасно на прес-конференција после лидерската средба претседателот на ВМРО-ДПМНЕ кажа дека за нив се прифатливи уставните измени што претходно не беа прифатливи и изгласување на уставни амандмани со кои деловите од бугарскиот народ ќе бидат дел од нашата Преамбула на Уставот. Тоа е нешто што е навистина нов став на ВМРО-ДПМНЕ во однос на претходниот што тие го имаа дека не постои никаков начин во кој тие би поддржале уставни измени и тоа е за поздравување – рече Ковачевски.
Како што наведе во тв интервју во пресрет на состаноците, не се согласува со констатацијата дека барањата што ги изнел Мицкоски на лидерската се одбиени. Сите,вели Ковачевски, се прифатени, вклучително и влада без ДУИ.
Сите предлози кои ги имаше ВМРО-ДПМНЕ се прифатени, па дури и предлогот што го имаа во однос на ДУИ прифатен од страна на ДУИ со нивно соопштение. Така што, сите барања се исполнети – посочи Ковачевски.
На констатацијата дека не е мала разликата во тоа што ДУИ вели оти е подготвена да не биде во Владата, но откако ќе бидат изгласани и уставните измени ќе стапат во сила, а условот на ВМРО-ДПМНЕ е да се гласаат уставните измени, но влегувањето во сила да биде одложено до влезот на земјава во ЕУ, премиерот е оптимист. Тој вели дека со промената на ставот на опозициската партија не постои најголемата разлика.
Прво, најголема разлика, која веќе не постои, беше обвинувањето и реториката на ВМРО-ДПМНЕ дека се прави бугаризација, асимилација, дека се нарушува идентитетот и.т.н. на македонскиот народ со внесувањето на деловите од бугарскиот народ во Преамбулата на нашиот Устав. Цела година од почетокот на усвојувањето на францускиот предлог беше таа реторика, за после лидерската средба сите да се уверат дека тоа веќе е променет став, кој е јавно искажан и уште еднаш на телевизиско интервју на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, со што веќе не постои – според ВМРО-ДПМНЕ, а никогаш не ни постоела таа опасност – вели премиерот.
Претходно портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа што очекува од состаноците во СДСМ истакна дека Ковачевски треба да си поднесе оставка и оти во СДСМ има нервоза затоа што ДУИ оди во опозиција.
Чудно е што Ковачевски денеска држи состаноци за предлози што претходно ги одби што е доказ за негова погрешна проценка. Би требало да поднесе оставка и заради тоа и заради сите кризи што во коишто ја втурна Македонија. Нервозата е во СДС затоа што ДУИ оди во опозиција и дел од разумните во таа партија знаат дека ВМРО-ДПМНЕ ќе води бескомпромисна борба со криминалот во сите редови. Ако не грешеле не треба да се нервозни. Очекуваме Ковачевски да си поднесе оставка. Но, најмногу зачудува тоа што самодекларирани патриоти всушност сега се борат ДУИ да остане на власт, а Македонците да се поделени – рече Стоилковски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.