Премиерот Димитар Ковачевски го повтори ставот дека алтернативата на Македонија е во Европската Унија, исто како и стремежите на Република Албанија и Република Србија, иако процесот и времетраењето на самиот процес од 17 години го намали кредибилитетот на Унијата во Македонија. Ковачевски ова го изјави во интервју за Радио телевизија Србија говорејќи за проширувањето на Европската Унија со земјите од Западен Балкан.

Конечно минатиот месец Cеверна Македонија ја одржа првата Меѓувладина конференција, го одржавме и првиот скрининг состанок, веќе имаме распоред финализиран во однос на одржувањето на билатералниот скрининг кој започнува на 15-ти септември. Многу скоро во текот на наредните денови Cеверна Македонија ќе ја официјализира и претстави преговарачката структура во однос на се она што се потребно да се направи во тој билатерален скрининг. Веќе се екипираат структурите во Секторот за европски интеграции во Секретаријатот за европски прашања, рече Ковачевски, соопшти владината прес-служба.

Премиерот оценил дека со тек на време прво ќе се врати кредибилитетот на Европската Унија, заради тоа што веќе го отпочнавме процесот и заради тоа што голем број експерти, институции и невладиниот сектор ќе бидат вклучени во преговарачкиот процес.

Ковачевски посочи дека ако ги погледнеме изјавите на официјалните лидери на ЕУ тие никогаш не го поставуваат под прашање проширувањето на ЕУ.

Јас го делам тоа мислење бидејќи без Западен Балкан, ЕУ не е комплетна бидејќи ние сме инхерентен дел на ЕУ, ние ги делиме истите вредности и нашите граѓани од секој аспект се дел од ЕУ. Во таа насока сметам дека Cеверна Македонија имаше најверојатно најтежок пат на отпочнување на преговорите, рече Ковачевски потсетувајќи дека со постигнувањето на договорот со Република Грција, како и договорот за добрососедство со Република Бугарија сите отворени прашања се затворени.

Според него, Македонија има јасен патоказ на кој начин ќе се одвива пристапувањето на Македонија во Европската Унија. Надминати се, како што посочил Ковачевски, одделни прашања и дилеми и во преговарачката рамка стои чист македонски јазик, загарантиран е идентитетот на македонскиот народ и целиот преговарачки процес, а историските прашања се дел од работата на Историската комисија и не се дел од преговарачкиот процес.

Она што ние го имаме како обврска на тој пат, што впрочем го имаа и голем број на други земји е уставно прилагодување со тоа што Cеверна Македонија има уште една дополнителна активност, која треба да ја направи, а тоа е вклучување на делови од други народи кои живеат во нашата држава и тука веќе таква заинтересираност имаат изразено хрватскиот, црногорскиот, бугарскиот народ меѓутоа и други како што е еврејскиот, кој веќе искажа желба да бидат дел од Уставот, изјави Ковачевски.

Истакнувајќи дека тој самиот смета дека ова е добро, бидејќи постојат држави во ЕУ коишто имаат и по 25 делови од народи во својот Устав, а ние веќе имаме други народи во Уставот како што се српскиот народ, влашкиот, албанскиот, ромскиот и така натаму.

Ние сме мултикултурно, мултиконфенсионално, мултиетничко општество и јас секогаш велам дека Cеверна Македонија е Европа во мало бидејќи ЕУ е заедница на различности, а Cеверна Македонија е токму држава во која што сите заедници односно сите народи, граѓани без разлика на нивната припадност имаат еднакви можности за личен и професионален напредок, рече Ковачевски во интервјуто за РТС.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.