Претседателот на Владата на Република Македонија Димитар Ковачевски, денеска се сретна со европратеничката и лидерка на пратеничката група на Прогресивната Алијанса на Социјалистите и демократите во Европскиот парламент Ираче Гарсија Перез, по што се одржа и заедничка прес-конференција.
На прес-конференцијата, како и на состанокот е изразена јасна поддршка на напредокот на Република Македонија во евроинтеграциите и полноправно членство во Европската Унија.
Во продолжение е обраќањето на премиерот Ковачевски на прес-конференцијата:
„Денес имав чест да се сретнам со европратеничката Ираче Гарсија Перез која воедно е и Претседателка на групата на социјалистите и демократите во Европскиот парламент.
Драго ми е што, од нашата последна средба во Брисел, ние веќе имаме можност да разговараме за отпочнатите преговори на ЕУ со СМ, отпочнатиот скрининг, за напредокот, за потпишаниот Договор за ФРОНТЕКСТ, за нашата европска иднина и европски пат.
Отпочнувањето на преговорите на 19-ти јули годинава означува ново поглавје во нашиот европски пат и е јасен приказ за сите наши досегашни реформи и заложби како Влада да ја оствариме нашата стратешка цел, полноправното членство во ЕУ.
По тешките и долги преговори со Бугарија, покажавме визија, лидерство и храброст и донесовме одлуки кои ќе значат подобра иднина, подобар животен стандард за граѓаните, ќе значат можност, нашите деца, идните генерации да живеат во земја членка на ЕУ, но тука, дома, во нашата Македонија.
Она што беше исклучително важно за нас во преговорите, а за кое успеавме да се избориме, е заштитата на македонскиот јазик и негово издигнување на еднакво рамниште со сите европски јазици, заштита на македонскиот идентитет, се изборивме за историските прашања да разговараат експерти историчари, а не политичари и тоа во рамки на историската комисија. Сето ова го обезбедивме и ги започнавме преговорите и од тогаш до денес, и ние, и ЕУ ги исполнуваме нашите ветувања.
Прв доказ за тоа исполнето ветување е потпишувањето на Договорот за ФРОНТЕКС кој е прв документ на кој имаме ставено потпис заедно со сите останати 27 земји членки на ЕУ, на македонски јазик, без никакви додавки, ѕвездички и појаснувања.
Со европратеничката разговаравме и за успешно отпочнатиот скрининг процес и нашата подготвеност истиот да го завршиме брзо. Нашиот тим е подготвен, има експертиза, знаење и јас верувам дека ако продолжиме со ова темпо, скринингот ќе биде завршен за 14-тина месеци така како што и на почетокот планиравме.
Следниот чекор секако на нашиот европски пат ќе се уставните измени, за кои очекувам сите 120 пратеници во Македонското Собрание да покажат државништво и да донесат одлука која ќе значи напредок на нашиот европски пат. Навистина не беше лесно да се донесат одлуките кои што во изминатите 5 години ги донесе Македонија. Меѓутоа, кога пред вас имате тешка одлука, тогаш имате избор или да оставите да биде сé така како што било и да ја оставите земјата во стагнација и неизвесност или пак да донесете одлука со која ќе овозможите за идните генерации подобра иднина, тогаш правилната одлука е многу јасна.
Нашата цел е полноправно членство во ЕУ. Тоа е наградата на крајот на овој европски пат кој знам дека нема да е лесен и со европратеничката разговаравме за тоа како течат преговори, за реформите кои треба да се прават и дека тоа е еден широк општествен процес на позитивна трансформација на општеството со цел полноправно членство на државата во ЕУ. И обезбедување на општество со подобро владеење на право, со помалку корупција и со подобри плати за сите нејзини граѓани. И тој пат мора да се изоди, затоа што ние, немаме друга алтернатива. Европската Унија е нашиот единствен пат за нашата држава. Не само заради членството само по себе, туку заради подобар животен стандард, заради подобро владеење на правото, подобра инфраструктура, подобри услуги за граѓаните, заради економски напредок, социјална правда, врвна демократија. Едноставно заради подобар живот.
На крајот на секој тежок пат е големата награда, а таа голема награда е полноправно членство во ЕУ. Големата награда е нашите граѓани, идните генерации да живеат во ЕУ, горди што се Македонци, со крената глава, со македонски јазик, со македонски идентитет со македонска култура да бидат жители на ЕУ и многу побитно, побогати граѓани од тоа што се денес.
Сега, само и единствено од нас зависи продолжувањето по овој европски пат. Односно зависи од 120 пратеници во Собранието, кои се пред сѐ претставници на граѓаните. А граѓаните сакаат подобар живот, сакаат земјата да е членка на ЕУ, сакаат децата да им останат дома и тука да си ја градат својата иднина.
Европската Унија се покажа како партнер од доверба и ги исполни и своите ветувања. Затоа и неодамна нѐ посети и претседателката на Европската комисија Фон дер Лејен, која меѓу другото нѐ информираше за поддршката во форма на грант од 80 милиони евра кои Македонија ќе ги искористи за справување со економско-енергетската криза.
Напорно работиме како Влада за да обезбедиме преку неколку пакети антикризни мерки заштита на најранливите граѓани е приоритет на оваа Влада. Обезбедивме и ликвидност на компаниите со што ги заштитивме работните места, а континуирано обезбедуваме 80% субвенционирање на електричната енергија како и евтина струја за да има непречено функционирање на виталните функции на државата, односно основните и средните училиштата, водоснабдувањето и здравството. Со последните мерки за обезбедување евтина струја за прехранбената индустрија, очекуваме и намалување на цени на основните производи за најмалку 10% со што во време на најтешка зима, го штитиме стандардот на граѓаните, но и ги враќаме парите на граѓаните кај тие што ги плаќаат даноците.
Ние покажавме дека сме одговорна Влада, Влада која се придржува до социјалдемократските принципи, бидејќи СДСМ е водечка партија во оваа Влада која одговорно менаџира со буџетот и токму затоа можевме изминатиов период да ги обезбедиме овие финансиски средства и антикризни мерки, да обезбедиме зголемување на минималната плата на 18.000 денари, да ги зголемиме пензиите, да обезбедиме зголемувања на платите во образование, во полиција, во здравството, да обезбедиме континуирано зголемување на просечната плата, со крајна цел зголемување на животниот стандард на граѓаните и заштита на најранливите категории на граѓани. Само со ваков одговорен пристап се можни вакви подобрувања во вака краток период.
Со тој одговорен пристап и со конструктивен приод, ние вчера успеавме да дојдеме до решение и за студентите во однос на нивните барања за студентскиот оброк. Истиот ќе продолжи да се користи по старите критериуми и да не заборавиме дека студентскиот оброк за прв пат беше воведен од страна на оваа Влада пред само 2 години. 30 години во оваа држава студентите немаше кој да ги седне на маса. 30 години студентите сите сметавме дека се само деца кои што треба да одат во школо, меѓутоа и да не учествуваат во политички процеси. На моја иницијатива вчера јас отидов во Собранието и седнав со сите лидери на студентските движења. Таму имаше околу 20 млади студенти, студентки кои ги водат студентските организации. Со нив разговарав за сите детали во однос на справувањето со енергетската криза, за основните елементи на буџетот, за претпоставките кои ги имаат тие во однос на тоа како треба да изгледа новото законско решение за кои се договорија со Министерството за образование и наука и пратениците од владејачкото мнозинство, за едно системско решение. Тогаш кажав, на состанокот и вчера во изјава за ТВ и денес повторувам дека студентите се наши деца и дека тие студенти имаат право да го кажат својот глас. Секако дека мора да бидат вклучени во носењето на политиките кои што нив ги засегаат, а кои што го засегаат и општеството.
Предолго ние во општеството зборуваме само за стопански комори, зборуваме само за синдикати, а треба да се зборува, предолго зборуваме за стапки на раст, за приходи, за профити, а најмалку зборуваме за студентите. Затоа во работната група која ќе работи на изготвување на решението кое ќе биде системско и за кое има рок, Министерството за образование и наука да го направат до март ќе учествуваат и студентите.
А денес планирам и на владината седница да му сугерирам на Министерството за образование и наука покрај тоа што во изготвувањето на новиот закон за високо образование во кој ќе учествуваат професорите, што е нормално, да бидат вклучени и претставници на студентите. Истото се однесува и на други закони меѓутоа и на други политики во државата и јас дури размислував вчера и сакам, кога ќе ги имам советите кај мене во Влада, во Кабинетот во однос на подготвување на одредени законски решенија да повикувам и претставници на студентите.
Затоа што тие одлуки на крајот на денот, ја креираат нивната иднина. Истиот тој дијалог со студентите вчера вроди со плод дека старите критериуми што вчера ние ги воведовме за студентски оброк ќе важат до воведување на ново решение, а преку отворен дијалог ќе најдеме и системско решение уште на почетокот на наредната година, односно во текот на првиот квартал. Студентите секогаш имаат право да ги кажат своите ставови, конструктивно, а ние треба да сме тука да ги чуеме, да разговараме и да преземе мерки за подобрување на нивниот стандард, бидејќи тие повторувам уште еднаш, се иднината на оваа држава и одлуките кои јас ги носев, тешки одлуки, одлуки кои беа тешки, не само за мене, тие беа тешки и за доминантниот број на граѓаните. Особено за Македонците. Тие ги донесовме заради идните генерации на оваа држава. А идните генерации на оваа држава се токму студентите кои сега се на факултетите.
Тоа е суштината на социјалдемократијата, суштината на вакво водење на влада и навистина сум задоволен и горд што овие наши напори дадоа резултат изминатиов период, но воедно и беа препознаени како ефикасни од Европската Унија по што следеше и нивната поддршка. Но, следи и идна поддршка, особено за проекти во енергетскиот сектор, бидејќи ние сме вклучени во заедничката набавка на енергенси на ниво на ЕУ, нашите министри веќе учествуваат на состаноци со министрите од земјите членки на ЕУ со кои сум сигурен ќе обезбедиме забрзана енергетска трансформација на земјата и можност да ги искористиме одговорно ресурсите со кои располага земјата, за наша заедничка подобра иднина”.
Европратеничката и лидерка на пратеничката група на Прогресивната Алијанса на Социјалистите и Демократите во Европскиот парламент, Ираче Гарсија Перез на прес-конференцијата рече дека е тука да се поддржи динамиката во евроинтеграцискиот процес, дека Македонија припаѓа на ЕУ, дека требаше лидерство да се донесат тешки одлуки, но дека тие вредат и порача да се стават националните интереси над партиските интереси.
И на прес-конференцијата и на состанокот пред неа е изразена определба за заедничко надминување на предизвиците во глобалната криза.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.