–  Премиерот Димитар Ковачевски е во работна посета во Соединетите Американски Држави. Во состав на делегацијата која ја предводи премиерот Ковачевски се и вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска и министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

Во рамки на работната посета која започнува утре, на покана на претседавачот на Советот за безбедност на ООН, Швајцарија, предвидено е обраќање на премиерот Ковачевски на отворената седница на Советот за безбедност, во седиштето на организацијата на Обединетите нации во Њујорк.

Како што соопшти владината прес-служба, за време на престојот во Њујорк, како дел од програмата за одбележувањето на 30-годишнината од членството на Македонија во организацијата на Обединетите нации, премиерот Ковачевски ќе оствари средби со високи претставници на УНИЦЕФ и УНДП и ќе се обрати на приемот во ООН организиран по повод 30 години од членството на Македонија во организацијата на Обединетите нации. Како дел од програмата за одбележување на 30 годишнината, премиерот Ковачевски, во седиштето на ООН ќе учествува и на панел дискусијата посветена на превентивна дипломатија, медијација и политика на пријателство.

Воедно премиерот Ковачевски ќе присуствува и ќе се обрати на настанот организиран по повод одбележување на Денот на македонскиот јазик.

Во Вашингтон, премиерот Ковачевски е предвидено да оствари средба со државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, специјалниот претставник на САД за Западен Балкан и заменик-помошник државен секретар на САД, Габриел Ескобар,  заменик-советникот за национална безбедност на САД, Џонатан Фајнер, советникот на државниот секретар на САД, Дерек Шоле, и со повеќе сенатори и конгресмени на САД. Премиерот Ковачевски воедно, ќе оствари средба и со членовите на бордот на Атлантскиот совет (Atlantic council).

Како дел од работната посета на Вашингтон, премиерот Ковачевски ќе го посети престижниот универзитет „Џон Хопкинс” во Вашингтон каде по средбата со деканот Џејмс Стајнберг, премиерот Ковачевски ќе се обрати и ќе одржи предавање за предизвиците и можностите за Македонија и земјите од Западниот Балкан на нивниот европски пат, имајќи ја предвид потребата за брз развој на регионот.

Согласно агендата планирана е и средба на премиерот Ковачевски со претставници на македонската дијаспора во САД



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.