Премиерот Димитар Ковачевски, денеска го прими амбасадорот на Кралството Шпанија во Република Македонија, Хозе Луис Лозано Гарсија, на која, како што информираат од владината прес-служба, било истакнато повеќедецениското пријателство и билатерални односи на многу високо ниво меѓу двете земји и била искажана отвореност и волја за продлабочување на економската и трговската соработка, како и соработката во областа на туризмот, културата и образованието.
На средбата, шпанскиот амбасадор Гарсија, од свое лично име и од името на шпанскиот премиер Педро Санчез му пренел честитки за изборот на премиерот Ковачевски и новата Влада посакувајќи успешна соработка и остварување на програмата и дека Кралството Шпанија дава јасна и недвосмислена поддршка за што поскоро отпочнување на преговорите на Република Македонија за членство во Европската Унија.
Ковачевски, се вели во соопштението, ја повторил благодарноста за брзата ратификација на Протоколот за нашето членство во НАТО, од Парламентот на Шпанија и покрај пандемиските услови, со што се заокружи пристапниот процес на нашата земја како 30-та членка на НАТО.
На средбата, Ковачевски, исто така, го информирал шпанскиот амбасадор за новата енергија и динамиката утврдена со неговиот бугарски колега, премиерот Кирил Петков, во однос на воспоставениот дијалог и акциски план на работните групи, кои како што било подвлечено се добра основа за политички решенија на отворените прашања прифатливи за двете страни.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.