Претседателот на Владата на Република  Македонија, Димитар Ковачевски и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен на денешната тет-а-тет средба разговараа за најважните прашања поврзани со проширувањето на Европската Унија.
Тие констатираа дека сега е моментот кој треба  Македонија да го искористи за прифаќање на европскиот предлог, што понатаму значи и одржување на првата меѓувладина конференција и почеток на преговорите за членство во ЕУ.
Ковачевски и Фон дер Лајен уште еднаш потенцираа дека со европскиот предлог не се загрозува на ниту еден начин идентитетот, културата, историјата и македонскиот јазик.

Претседателката на Европската комисија исто така, нагласи дека местото на  Македонија и Западен Балкан е во Европската Унија и тоа е единствениот пат кој води кон подобра иднина за сегашните и идните генерации.

На средбата беше дискутирано дека во контекст на новите гео-политички околности, многу е значајно деблокирањето на евроинтеграцискиот процес и почетокот на преговорите за нашето членство во Европската Унија, што е важно за целокупниот напредок на  Македонија.

На средбата беше истакнато дека одлуките кои се носат сега ја гарантираат иднината на земјата, и затоа се потребни мудри и државнички потези кои водат кон просперитет, развој на демократските вредности и севкупен економски напредок.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.