За европската перспектива на Македонија се потребни заложбите и поддршката од сите политички чинители во државата. Евроатлантскиот развој на Република Македонија е фактор за стабилност за целиот регион и за Европа.

Ова е констатирано на средба на премиерот Димитар Ковачевски со Петра Дрекслер, амбасадорка на Сојузна Република Германија во земјава.

Како што соопшти владината прес-служба, на средбата од двете страни се изразени определби за натамошен активен развој на македонско-германското партнерство коешто е долгогодишно и силно и годинава се заокружува во 30-годишнина од воспоставувањето дипломатски односи.

Како што се наведува, на состанокот е разговарано за повеќе актуелни прашања од значење за нашата држава и регионот, за унапредувањето на одличната економска соработка меѓу Македонија и Германија и за предизвиците во европскиот и геополитички контекст. Пренесена е јасна германска поддршка за следниот чекор во европските интеграции на нашата земја.

Ковачевски потсетил дека Германија е важен партнер на Македонија од воспоставената независност, сојузник во НАТО, ОН и ОБСЕ, еден од најсилните поддржувачи на нашата интеграција во Европската Унија и на економски план, прв трговски партнер во последните години, со најголем обем на тргување минатата година, од околу пет милијарди евра, петти странски директен инвеститор и еден од најголемите билатерални развојни партнери на Македонија.

Со активната и континуирана поддршка на Германија, која доби на дополнително значење за време на германското претседателство со ЕУ во 2020 година, направивме историски чекор напред во евроинтеграциите, по 17 годишен статус кво како земја кандидатка и ги започнавме преговорите за пристапување во Унијата лани во јули. Од исклучително значење се и денешната поддршка и охрабрување коишто ги добиваме од Германија за продолжување на европските интеграции. Германија е пријателска држава којашто е високо ценета од нашите граѓани. Како Влада ќе ги преземеме сите потребни политички чекори да ја осигураме европската иднина, изјави Ковачевски.

На состанокот е нагласено значењето на Берлинскиот процес, како основна и сеопфатна движечка сила на регионалната соработка на највисоко ниво во делот на воспоставувањето заеднички регионален пазар на Западен Балкан и на Зелената агенда и е истакната улогата на Република Македонија како промотор на дијалогот и културата на дијалог во регионот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.