Премиерот Димитар Ковачевски, во рамки на учеството на Виенскиот Економски форум, оствари средба со еврокомесарот за економија Паоло Џентилони.
Како што соопшти владината прес-служба, еврокомесарот ја потенцирал поддршката за Македонија за членство во ЕУ. Тој истакнал дека обезбедена е макрофинансиска помош за Македонија од 100 милиони евра.
Процесот на пристапни преговори ќе значи и зголемена финансиска поддршка за Македонија, истакнал Џентилони на средбата.
Ковачевски и еврокомесарот Џентилони размениле ставови во врска со реализацијата на приоритетните проекти на Македонија во рамки на Економско-инвестицискиот план за Западен Балкан. Двајцата соговорници истакнаа дека тоа ќе значи стимул за економски раст со фокус на инфраструктура, дигитализација, енергетско и транспортно поврзување на Македонија како и на другите земји од регионот.
Ковачевски на средбата истакнал дека европската интеграција е стратешка цел на Македонија и Владата е силно посветена на реформите, на продлабочување на регионалната економска интеграција и на развој на заеднички регионален пазар врз основа на законодавството на ЕУ со цел да се направи регионот поатрактивен за инвестиции.
Соговорниците размениле ставови и за Планот за раст за Западен Балкан кој е силен поттик на процесот на евроинтеграциите на регионот, со што ќе се зголеми двојно обемот на економијата на регионот и во земјата.
На средбата двајцата соговорници истакнаа дека европската интеграција за Македонија ќе значи темелни промени и усогласување на економските и правните рамки со законските регулативи и со политиките на ЕУ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.