Претседателот на Владата на Република Македонија, Димитар Ковачевски се сретна со Мајлинда Брегу, генерална секретарка на Регионалниот совет за соработка, оперативен орган на Процесот за соработка во Југоисточна Европа.
На состанокот е посочена важноста на регионалната соработка, како придонес во стабилноста и безбедноста на регионот и во делот на воспоставувањето заеднички регионален пазар и со тоа унапредување на економиите во државите.
Затоа, како што е заеднички констатирано, неопходно е да има синергија меѓу државите во регионот, на патот на нивниот развој.
Исто така, заеднички е оценето дека војната во Украина го истакна значењето на евроатлантските интеграции на Југоисточна Европа и на европската иднина на земјите од регионот.
Се смета дека отворањето преговори на Македонија и Албанија со ЕУ ќе биде мотивација и охрабрување и за другите држави од регионот да продолжат со реформите по европскиот пат, што се покажа важно и во регионални рамки – и за Европа.
Премиерот Ковачевски рече дека се водат принципиелни разговори со премиерот Петков, а дека Владата е фокусирана на надминување на предизвиците од војната во Украина преку историското зголемување на минималната плата, покачувањето на пензиите, поддршката на граѓаните во делот на сметките за електрична енергија, односно кон поддршката на стандардот на граѓаните и на компаниите за што е донесен и сет антикризни мерки.
На средбата се разгледани можностите за унапредување на регионалната соработка, преку нови проекти во рамки на Регионалниот совет за соработка, со цел напредок и перспективност како за земјите, така и за целиот регион.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.