Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски вели дека алтернатива на ЕУ нема, затоа и никој од опозицијата не ја соопштува, ВМРО-ДПМНЕ нема никаков план.
„Изборот пред граѓаните е европска иднина, поголеми плати и пензии со СДСМ или изолација, уназадување и економска стагнација со ВМРО-ДПМНЕ. Која е алтернативата на членството во ЕУ? Ја нема. Затоа и никој од опозицијата не ја соопштува. ВМРО-ДПМНЕ нема план, со ВМРО-ДПМНЕ нема иднина“ изјави претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски во интервју за „Локално“.
Тој рече дека е убеден оти граѓаните ќе ја изберат најдобрата опција и земјата ќе продолжи по вистинскиот, по европскиот пат.
„Никој нема дилеми, па Мицкоски јавно на телевизија рече дека со ВМРО-ДПМНЕ нема членство во ЕУ ниту за 100 години. Во извештај на Европската комисија ВМРО-ДПМНЕ е посочена како кочничар на реформите во македонското Собрание и напредокот. Тие тоа не го кријат. Две години спроведуваа активна блокада, освен законите и европскиот пат на земјата го блокираат. Јасно како ден“ рече Ковачевски.
Претседателот на СДСМ додаде дека сето тоа завршува по изборите на 8 мај, бидејќи членството во ЕУ е втората стратешка цел на државата, по членството во НАТО, што ќе ја реализира новата проевропска Влада предводена од СДСМ.
„Верувам дека граѓаните нема да дадат поддршка на ниту еден неодговорен политичар, нема да поддржат радикална популистичка десничараско – проруска коалиција“ рече Ковачевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.