Македонската државност почива на темелите на Илинденската револуција. Почива на двата Илиндена, а македонскиот народ има своја историја и содржина во двете востанија – 1903-тата и 1944-тата. Секој обид за минимизирање, е негирање на македонството, беше истакнато на денешната прва научна конференција организирана од Матицата на иселениците од Македонија во Крушево, во пресрет на големиот празник Илинден. Научната конференција е насловена „120 години од Илинденското востание“.
Се знае, македонската државност почива на темелите на Илинденското востание, на Илинденската револуција, и ако сакате прецизно-на двата Илиндена, од 1903-тата и од 1944-тата година. Конференцијата е во чест на 120 години национална меморија за Илинденското востание и ние им се оддолжуваме на сите оние кои нас не задолжија ние да имаме слободна држава. Темелот е, буквално овде, во Крушево. Илинденското востание и АСНОМ-ските решенија на идните генерации им го даваат чувството на припадност и ние им пркосиме на сите кои сакаат тоа да го избришат. Македонија не е и нема да биде држава за поткусурување – изјави Катерина Тодороска, научен советник во Институтот за национална историја од Скопје.
Илинденското востание има свое значење во сите периоди: и во 1903-тата, во 1944-тата и во поново време кога ја оствариме македонската државност.-Востанието е темелот на македонската државност. Ако ги анализираме Илинден 1903-тата и Илинден 1944-тата кога на АСНОМ се донесени државотворните акти, тоа значи дека македонскиот народ има своја историја, своја содржина во двете востанија, во двата Илиндена. Тоа е врвен чин, не само на слободарските пориви на македонскиот народ, бидејќи Вапцаров е прв кој вели дека со Илинденското востание внесовме народна содржина, со крвта на народот. Тоа значи дека македонскиот народ создава своја историја кога е дел од македонската колективна меморија. Обидот да не се прослават или одбележат овие два моменти, значајни од македонската историја, да се негираат научноста или македонската меморија, одат во насока да се опонира или избрише македонството. Македонскиот народ создаваше своја историја. Народот ја создаде целокупната меморија за двата Илиндена, рече Наташа Котлар Трајкова, научен советник во Институтот за национална историја од Скопје.
Претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев смета дека е потребен трет Илинден.
Македонија е повторно поробена земја, вазал, банана држава, неоколонијален феуд. А за тоа се исклучиво виновни дел од македонските политичари кои во изминативе 30 години поддржувајќи лукративни, сервилни и недостоинствени форми на владеење, поточно би рекол дивеење, ја трансформираа Македонија од слободна во поробена земја. Идентитетството не смее да се доведе во прашање. Нам насушно ни треба трет Илинден. Нам ни треба, јас сум длабоко уверен, расчистување со лажните државотворци – рече Коцарев.
Македонското малцинство во Бугарија ги продолжува своите настојувања за признавање.
Ние бараме поддршка од македонската влада да застане зад нас и во Бугарија да нè признаат како Македонци. И покрај сите одговори од Судот за човекови права од Стразбур, ништо не е променето, вели Стојан Герасимов, Македонец од Бугарија.
Илинденско Крушево сака да ги зацврсти врските со дијаспората, но и да го реши најголемиот проблем на денешното време – иселувањето.
Општина Крушево како општествено одговорна институција, а и јас, како претседател на Научно културните средби „10 дена Крушевска република“, се грижиме за своите иселеници. Ги негуваме традицијата, историјата, културата. Токму Крушево е град на традиција, историја и на култура. Сме во насока на унапредување на врските со дијаспората. Општина Крушево секогаш е отворена за соработка и да ги засилиме врските со дијаспората и татковината. А во ова време, да ја запреме најголемата болка, иселувањето – рече крушевскиот градоначалник Томе Христоски.
На конференцијата е промовиран и зборникот на трудови на 11 еминентни научници и историчари за прашањето за значењето на Илинденското востание. Поддржувачи на научната конференција за Илинден се општините на Крушево, Карпош, Куманово, Прилеп и Битола.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.