Јазикот и културата се столбовите на идентитетот на еден народ и на едно општество.

Обврската да го зачуваме и да го негуваме нашиот јазик не е само долг кон нашите претци и нашите потомци, тоа е обврска на сите што го љубат, го почитуваат и го негуваат македонскиот јазик, рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска која денеска по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик го посети тријазичното основно училиште „Јашар Беј Шкупи“ во општина Чаир.

Јазикот е културно наследство, во кое се обединува духовната и материјалната култура на човештвото. Македонскиот јазик е најреферентното обележје на македонскиот народ. Да се занемари македонскиот јазик значи да се занемари естетиката на македонската историја, меморија и современост, нагласи Костадиновска-Стојчевска.

Токму затоа, како што посочи, ова училиште е одличен пример за почитување на правата на националностите, така што покрај македонскиот се изведува настава на албански и на турски јазик.

– Во имплементирањето на интегрираното образование главна алка се заедничките активности преку кои децата се повеќе се запознаваат, ја запознаваат својата меѓусебна култура, својот јазик, а знаеме дека познавањето на секој јазик претставува непроценливо богатство, рече министерката Костадиновска-Стојчевска



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.