Генерални директори на Фондот за здравствено осигурување и директор на сектор за контрола, вечерва одговараа на пратенички прашања на седницата на собраниската Анкетна комисија за скандалот на Клиниката за радиотерапија и онкологија.

Фатон Ахмети, генерален директор на Фондот за здравствено осигурување од октомври 2020 до август 2023 година, изјави дека Фондот е институција што ги дефинира буџетите на јавните здравствени установи.

Завршната програма за целокупниот буџет што ние како Фонд го добиваме од Министерството за финансии, тој буџет го распределуваме во јавните здравствени установи. Затоа јас ќе ги поделам во две групи тие буџети. Вкупниот буџет на здравствената установа и условен буџет. Постапката и методологијата е иста. Значи, Фондот за здравство прави напори во рамки на ресурсите што ги има и врз основа на барањата на јавните здравствени установи, да се најде некаде во средина, да даде максимум од тоа што ние како Фонд, ги имаме на располагање, појасни тој, одговарајќи на пратеничко прашање.

Што се однесува до набавка на лекови, како што рече тој, тоа е одговорност на клиниката, институцијата што ќе врши набавка на тие лекови, за разлика од Позитивната листа на лекови, таа набавка, како што додаде, се врши со земање претходна дозвола од Министерството за здравство и потоа од Фондот за здравствено осигурување.

Прашан како е можно според документацијата од Државниот завод за ревизија „никаде да нема документ на согласнот од Фондот, а тендерот да биде спроведен“, тој одговори дека Клиниката согласностите за набавка на лекови ги добивала во рамки на одредени временски дистанци.

Во рамки на согласностите што Клиниката за радиотерапија и онкологија ги добила од Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување, тие се за набавка на лекови во рамки на одредени временски дистанци. Некогаш барале за набавка четири месеци, неколку случаи за годишни и така натаму. Во овој случај, врз основа на извештајот на Државниот завод за ревизија, се знае дека оваа согласност не е дадена и тие набавки, тие лекови се купени без согласност од ФЗО, одговори Ахмети.

Во периодот додека бил генерален директор на Фондот, имало неколку контроли во рамките на Клиниката за радиотерапија и онкологија.

Ахмети кажа дека немаат надлежност да анализираат до краен детал, како еден лек се дава на пациент, дозата или количината, и рече оти тоа е во надлежност на самата клиника.

Магдалена Филиповска Грашковска, исто така се осврна на времето од кога ја извршува функцијата, првенствено шест месеци в.д. директор, потоа, како што појасни, назначена и како генерален директор.

Во текот на 2022 година имаше анонимна претставка доставена до Фондот, беа дадени наводи дека за починато лице е препишана онколошка терапија. Се изврши контрола при што беше утврдено дека станувало збор за две лица со исто име, едното лице било починато 2014 година, а другото лице живо, коешто дошло да прими терапија. Ординаричкиот доктор ја препишал терапијата на пациентот којшто дошол во клиниката, меѓутоа било евидентирано во досието на починатото лице. Во моментот кога нашите контролори беа во контрола на Клиниката за онкологија, наидоа на службена белешка од докторот којшто самиот ја увидел претходно грешката и ја исправил целата таа ситуација на начин што направил промена, значи таа издадена терапија се издава на вистинското лице коешто треба да ја прима, одговори таа на едно од прашањата.

Целата документација била доставена и до Јавното обвинителство и до Анкетната комисија и до Државниот завод за ревизија.

Согласно Законот за здравствено осигурување, таа рече дека Фондот не е инспекциска служба, нема надлежност да врши инспекциски надзор, следствено на тоа, нема надлежност ниту да изрекува мандатни казни.

Во однос на прашањето дали сме доставиле кривична пријава, би сакала нешто да прочитам. Од контролата извршена оваа година, 2023, во Клиниката за радиотерапија и онкологија, кога е вршена контрола на условниот буџет за 2021 година, констатирани се, ќе прочитам неколку неправилности. Несоодветна евиденција на издадени лекови во таблетарна форма, неевидентирана количина и период на апликација на издадената терапија во специјалистичките извештаи и натаму се редат други, рече таа.

Цвете Серафимоски, директор на сектор за контрола во ФЗОМ, пред членовите на Анкетната комисија рече оти смета дека е многу важно пресумпцијата на невиност да се почитува.

Во моментов, во сектор контрола во централната служба на Фондот, има петнаесетина контролори, од кои четворица се со медицински науки, односно доктори и тројца стоматолози. Информацијата дека има десет е погрешна, помалку се. Има и четворица внатрешни контролори и еден со овластување внатрешен контролор, вкупно петмина, иако треба да се трипати повеќе, рече Серафимоски.

На барање на сектор контрола, како што рече одговарајќи на прашање, контрола била извршена заедно со сектор за фармација и со сектор за финансии, договорена со генералните директори кои исто така укажале потреба за контрола на Онкологија, а биле констатирани низа неправилности.

Серафимоски, појасни дека верува оти лицето кое требало да ја прими терапијата ќе реагирало, ако таа завршела на друго место, затоа што кај него се работи за терапија што живот значи.

Одлука за формирање Анкетна комисија беше донесена на 20 септември, откако по наводите во јавноста за злоупотреба на лекови на оваа клиника, Јавното обвинителство отвори предистражна постапка.

Наводите за злоупотреба на лекови на клиниката, предизвикаа реакции во јавноста и низа протести.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.