До 15 септември 2024 е рокот за аплицирање на Конкурсот на Министерството за образование и наука за доделување стипендии за додипломски студии од прв циклус во странство од областите на ликовната уметност, кинематографија, и филмска продукција, драмската уметност и музиката за академската 2024/2025 година.

Според Конкурсот што го распиша МОН, ќе бидат доделени стипендии за кандидати примени на додипломски студии на реномираните универзитети во светот, согласно листата на реномирани универзитети во светот од областа на ликовната уметност, кинематографијата и филмската продукција, драмската уметност и музиката објавенa во прилог на Конкурсот.

Како што е наведено во него, на корисникот на стипендија му се надоместуваат трошоците за уписнина во висина од најмногу 40.000 американски долари годишно, исплатени во соодветна валута, според средниот курс на Народна банка на Република Македонија на денот на објавувањето на конкурсот, еден авионски билет на почетокот на студиите, еден авионски билет по завршување на студиите или еден повратен авионски билет, а месечната стипендија се исплаќа согласно Решението за утврдување на начинот на пресметка на трошоците за месечна стипендија на студенти кои студираат во странство за академската 2024/2025 година на прв циклус на студии (врз основа на Листата на индекси на малопродажни цени за животни трошоци, која е објавена од надлежните органи на Обединетите нации).

Секој износ над горенаведената сума за уписнина ќе биде на товар на студентот. Избраните кандидати кои ќе добијат стипендија ќе имаат обврски кои се наведени во Конкурсот.

Содржани се и информации за условите кои кандидатот треба да ги исполни, начинот на пријавување и потребните документи, меѓу кои и електронската пријава која е достапна за преземање во објавениот конкурс.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.