Собранието во рамки на 145 седница, без расправа, попладнево го изгласа Абдуш Демири за член на Државната изборна комисија. За одлуката гласаа 90 пратеници, без ниту еден глас против и воздржан.
Демири е предлог за член на ДИК од партиите од Европскиот сојуз за промени. Вториот кандидат, кој се повлече, беше Зуљфи Адили бидејќи Владата на предлог на Зијадин Села од Алијанса за Албанците го именува за директор на Агенцијата за странски инвестиции.
Со неговиот избор се комплетира составот на Државната изборна комисија. ДИК повеќе месеци беше без седмиот член, откако Кренар Лога стана министер за правда.
Собранието попладнево ја донесе и одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на дел од територијата на Република Македонија, заради спречување на безбедносните закани и зајакнување на обезбедувањето на КПУ КПД Идризово.
Пратениците едногласно го донесоа и Законот за вработените во Министерството за одбрана, а без расправа беа донесени и Одлуката за изменување на Одлуката за избор на членови на Комитетот за односи меѓу заедниците, Предлог одлуката за изменување на Одлуката за избор на претседатели, заменици на претседателите, членови и нивни заменици на комисиите на Собранието.
На седницата поддршка не доби барањето на пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ да се повлечат од дневен ред точките што се однесуваат на стратешките инвестиции.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.