Кој е Ерџан Сулкоски?! Лидерот на ДУИ, Али Ахмети вели дека првпат слуша за ова име, а истиот тој Сулкоски бил партнер со зетот на Ахмети, Куштрим Смајлај. Минатата година во јануари ја основале фирмата „К.С.А. Интернешнл“ и истата година веднаш остварил завидни резултати. Сулкоски, освен во фирмата на зетот на Ахмети, во 2022 станал косопоственик и на компанијата РКЕ на Ратко Капушевски, која го доби историски најголемиот тендер за набавка на мазут за државни потреби чија вредност беше околу 120 милиони евра.

Во интервју за 360 степени, новинарот Васко Попетрески, го прашува Ахмети дали го знае Ерџан Сулкоски, на што лидерот на ДУИ одговра:

„Јас ве убедувам дека семејството Ахмети нема ништо со… како се викаше, Ерџан Сулкоски. Првпат слушам од вас. Не сум го чул ни како име…“.

Попетрески на Ахмети му презентираше податоци дека Ерџан Сулкоски, додека бил партнер на зетот на лидерот на ДУИ во фирмата „К.С.А. Интернешнл“, станал косопственик, а потоа и коуправител во фирмата „РКМ“ на Ратко Капушевски. Станува збор за компанија која лани го склучи најголемиот договор за набавка на мазут за потребите на државата и ја заврши годината со 110 милиони евра приходи, од кои 6,2 милиони евра профит. Прецизно, Сулкоски влегува во „РКМ“ по добивањето на големиот тендер, во август 2022 година.

На прашањето од Ахмети, дали го знае пратеникот Јахоски, кој би можел да му каже кој е Сулкоски, Ахмети одговори:

„Исмаил Јахоски го познавам, тој е пратеник на ДУИ. Ќе ги прашам, ме направивте љубопитен, навистина не го знам (Сулкоски н.з.)“.

Ерџан Сулкоски излегол од фирмата „К.С.А. Интернешнл“ во која бил косопственик и коуправител со зетот на Али Ахмети пред помалку од еден месец, поточно на 23 август 2023 година.

-Уште кога се појави оваа информација личеше на братска делба СДСМ-ДУИ за овој голем бизнис бидејќи се работи за многу пари, 110 милиони евра – коментира Попетрески.

Но Ахмети продолжи со тврдењето дека не му е познато тоа име воопшто.

Попетрески не го поштеди збунетиот Ахмети. Продолжи со фирмата на таткото на свршеницата на неговиот син Шкумбин, „А. С. Сењак“, која на годишно ниво има обрт од по 5-6 милиони евра. Станува збор за господинот Селаудин Арифи.

Но и тука Ахмети не гледа ништо спорно. Фирмата на сватот е стара, а неговиот син сè уште не е бил во официјализирана врска со ќерката на Арифи.

„Во однос на Селаудин, тоа е стара компанија, уште пред прогласувањето на независноста, од 90-тите години. Не знам зошто се поврзува ова со сватовско прашање. Син ми и ќерката на Селаудин создале врска, но сè уште не е официјализирана. Син ми е архитект, има своја канцеларија…“,изјави претседателот на ДУИ.

Запрашан дополнително дека неговиот син и самостојно влегува во бизниси и тоа од областа на енергетиката, Ахмети потврди и објасни како Шкумбин, кој бил архитект, ги спечалил парите за инвестирање.

„Да, и работел за швајцарска компанија околу 5-6 години. Тие добивки што ги имал со швајцарската компанија, кои се легални, може да се истражуваат од секоја државна институција и добивката што ја имал ја инвестирал во енергетика“, изјави Али Ахмети.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.