Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев продолжува со инсистирањето дека чекањето во редици со часови и денови пред полициската станица „Пролет“ беше успешен проект.

Во изјава за „Сител“ тој тврди дека новиот пилот проект на МВР „Земи бројче“ кој стартуваше денеска во Куманово, е всушност исто како чекањето пред „Пролет”.

Денеска во Куманово е пуштен пилот проект прв дојден прв услужен би кажал, со земање на соодветно бројче. Инаку, тој проект е разговаран помеѓу двајцата поранешни министри за информатичко општество и внатрешни работи, не е сега договорен. Убаво е што стартуваше тој проект. Како што споменавте, тоа е нешто исто како во „Пролет”, прв дојден, прв услужен, кој за жал од страна на ова раководство од министерот беше укинато и повеќе не е во функција. Уште еднаш се потврдува тезата дека тој проект бил добар со отвoрањето на ова во Куманово. Инаку управните служби се во одлична кондиција таму, бидејќи се реновирани и пуштени во употреба во овој мандат, рече Бојмацалиев.

За потсетување, пред пунктот во „Пролеп“ граѓани чекаа и по неколку дена, почнувајќи ги редиците уште од 5 часот наутро, на студ, магла и загаден воздух, за на крај сепак да не успеат да стигнат до сликање, зошто внатре поради недостаток за кадар работеа само една четвртина од местата за сликање, а луѓе со врски влегуваа од задната страна.

 

Оние што на крај успеаја да се сликаат во фамозниот пункт во текот на декември и јануари, денес сè уште немаат документи, поради недостатокот на обрасци.

Во Отсекот за управни работи Куманово, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и дополнителниот заменик министер за информатичко општество и администрација, Стефан Андоновски пред неколку дена го промовираа системот „Земи бројче“.

Системот „Земи бројче“ кој во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација има за цел да воспостави ред во однос на приемот на странки за фотографирање и издавање на лични документи. Со овој систем се поедноставува постапката за закажување, фотографирање и подигање на патните исправи.

Со оваа мерка ќе се стави крај на гужвите, времето на чекање на граѓаните значително ќе се намали и истите ќе можат во едни нормални услови да дојдат до својот личен документ, потенцираше министерот Тошковски.

Тој посочи дека постојано се прочистуваат листите, за од тие што пред време завршиле работа, а имале термин, истиот да се префрли кај други граѓани. Тошковски најави и дека ќе се бара начин листите да се прочистуваат на дневно ниво за да се овозможи максимално да се користат слободните термини за поефикасно спроведување на процесот, на пример во случај кога некој од редовна пристапил кон итна постапка за вадење документ, неговиот термин да го добие друг граѓанин.

Врз принцип на правичност, гледаме да го избуткаме овој процес. Бројот на термини, луѓе што треба да пристапат во наредниот период се 300.000 со закажани термини. Кога станува збор за 300.000 термини, малку е тешко да се справиме на најправичен и праведен начин. Даваме максимален придонес од наша страна и гледаме да е праведно. Сега почнавме на една недела да ги чистиме листите со термини, за сите што имаат завршена работа – се премислил и од редовна отишол на итна постапка, за да друг ги добие термините, рече Тошковски.

Министерот оцени дека претходниот систем по принципот „прв дојден, прв услужен“ во Скопје се покажал како хаотичен, особено кога има 2,1 милион лични документи што треба да се издадат.

Мислам дека некој друг требало да мисли на тоа претходно. Она што ние сега можеме да го направиме како решение е на еден достоинствен начин, во рамките на систем, да се обидеме да го регулираме овој процес и ќе сториме сè што можеме да сториме за да граѓаните достоинствено си ги обезбедат личните документи. Факт е дека има разлика. Се сеќавате на 5.000 луѓе пред врата, а внатре фотографираат на дневна основа по 300 лица, потсети Тошковски на ситуацијата во ПС Пролет во Скопје.

Министерот Тошковски истакна дека пилот-проектот „Земи бројче“ во Куманово се спроведува ефикасно и на овој начин се регулира метежот.

Можам да кажам дека првично, од она што го видов, задоволен сум како функционира овде во Куманово соработката што ја имавме досега и се надевам дека овој пилот-проект ќе може да го спроведеме во иднина, како системско решение што би требало да го олесни процесот на спроведување на целокупната постапка поврзана со личните документи. Куманово е одбрано како општина за старт на пилот-проектот, бидејќи бројките во градот не се мали, станува збор за просечно 500 луѓе што се фотографираат на дневно нив, рече Тошковски и му се заблагодари на МИОА, чиј предлог бил овој проект.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.