Во Собранието ќе се одржи лидерската средба на која треба да се разговара за датумот за одржување на претседателските и парламентарните избори 2024 година и ќе биде на лидерско ниво во формат како што беше и минатата лидерска средба на парламентарните партии, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски без да прецизира кога ќе се одржи средбата.

-Изборите ќе бидат во редовен термин и претседателските и парламентарните избори, а кога точно ќе се одржат зависи од роковите и затоа јас кажав дека мај нуди можност за одржување и на претседателски и на парламентарни избори. Тоа го потвдрија и низа други претседатели на партии и претседателот на Собранието, кој се грижи за роковите и затоа кога ќе заврши таа средба согласно со ставовите на сите политички партии, затоа што таа одлука се носи со широк политички консензус таа одлука ќе може да биде и соопштена, рече Ковачевски.

Премиерот Ковачевски кажа дека нема расположение кај сите политички партии за укинување на техничката влада со оглед на краткиот рок до изборите.

-Според она што СДСМ и ДУИ го имаат како коалициски договор од 2020 година, што е потврден со формирањето на Владата, премиер треба да биде од редовите на албанската етничка заедница што исто така согласно е со нашиот Устав и нашите закони, кои ќе бидат кадровските решенија тоа е сега прерано да се зборува, рече Ковачевски.

Одговарајќи на прашање за тоа дали технички премиер би можел да биде Фатмир Битиќи, Ковачевски рече дека тој има исклучително високо мислење за него, но дека сепак, зборува за коалициски договор.

Запрашан за заеднички кандидат за претседател и заеднички листи за пратеници, премиерот Ковачевски рече дека се потврдило дека во нашата земја има партии што се залагаат за влез во ЕУ и за интеграција на државата во НАТО и на другата страна, како што кажа, „сега веќе и официјално имаме друг блок на политички партии ВМРО-ДПМНЕ и Левица кои се против зачленувањето на земјата во Европската унија и против НАТО“.

-Лидерите на двете политички партии јавно кажаа дека немаат против заедничко коалицирање. Граѓаните ќе имаат многу лесен избор за проевропски блок и за европска иднина на државата или ќе бидат за некое алтернативно решение кое не е ниту понудено, рече Ковачевски.

Политичките партии, како што кажа, верува дека ќе се водат од истите принципи. Како ќе изгледаат листите тоа на крај зависи од одлуките на политичките партии меѓутоа СДСМ ќе има широка коалиција која се покажала дека може да ги води успешно процесите и на во државата и на меѓународен план, рече Ковачевски.

Во однос на пополнувањето на испразнетото место во Државната изборна комисија, Ковачевски смета дека партиите ќе постигнат договор и дека тоа ќе биде завршено во периодот кој што следи пред нас а до распишување на изборите.

Во однос на уставните измени, Ковачевски рече дека тоа се едни од обврските кои ние ги имаме.

-ЕУ ги исполни своите обврски, рече Ковачевски посочувајќи на идентитетските прашања.

Верува, потенцира тој, дека Македонија има прогресивен капацитет да го направи следниот чекор кон отворање на кластерите и поглавјата и нормално да ги прави и наредните чекори кон полноправно членство. Да не заборавиме дека ќе има уште закони за кои што ќе биде потребно двотретинско мнозинство.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.