Во знак на одбележување на Светскиот ден на предвремено родени бебиња, помош и поддршка за малите херои и нивните семејства, Клиника Жан Митрев на 17 ноември се осветли во виолетова боја. Оваа година се одбележува под мотото „Мали дела, ГОЛЕМ ИМПАКТ: Непосреден контакт кожа на кожа за секое бебе, секаде“ што ја потенцира важноста од оваа техника која се покажува како ефективна, особено за предвреме родените бебиња.

Предвремено родените бебиња се најмали но истовремено и најголемите борци и затоа секој 17 ноември се одбележува со разни активности со цел да ја подигне свесноста за предвременото раѓање и предизвиците со кои се соочуваат децата и семејствата.

Предвременото раѓање е глобален проблем кој се јавува во сите држави на светот. А статистиката вели дека едно од 10 бебиња се раѓа предвреме. Според Светската здравствена организација за предвреме родени бебиња се сметаат оние кои се родени пред завршување на 37мата гестациска недела (ГН) од вкупно 40 на целосна бременост. Сите овие бебиња се изложени на ризик од различни здравствени компликации. Затоа на овој ден, се организираат различни активности, вклучувајќи кампањи, семинари и настани за поддршка. Крајната цел е да се создадат подобри услови за предвремено родените деца и да им се обезбеди правилен развој, а истовремено да се подигне свеста во јавноста за предизвиците и потребите на овие мали борци.

Одбележувањето на овој ден е важен чекор кон подобрување на животот на предвремено родените деца и нивните семејства, нудејќи им надеж и поддршка во нивниот пат кон здрав развој, раст и благосостојба. Затоа активностите поврзани со прематурните бебиња во Клиника Жан Митрев продолжуваат во текот на цел ноември.

Неодамна во Клиника Жан Митрев се отвори Центарот за мајка и бебе и досега, природно и со царски рез се родени 5 бебиња. Центарот за мајка и бебе, располага со најсовремената опрема од врвни светски производители и искусен медицински тим кои се на располагање во секое време за грижа за мајката и бебето во сите фази од бременоста и по неа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.