Европратеникот и известувач на Европскиот парламент за земјава, Илхан Ќучук, на панел дискусија во рамките на конференцијата БГМК2030 „Граѓански придонес во градење на доверба, заедништво и сојузништво“, порача дека разговорите за минатото се важни, но важни се и разговорите за иднината.

Потенцирајќи ја важноста на меѓусебната соработка, Ќучук изрази верување дека новите влади на Македонија и Бугарија ќе продолжат по патот на отвореноста заради целосно надминување на сите недоразбирања.

Нема поважен фактор од довербата, нема универзален договор, нема договор, кој е еднакво добар, нема договор кој ги задоволува и двете страни, но секој договор дава правна рамка за да се започне разговор. Јас верувам дека новата Влада на Бугарија и новата Влада на чело со Ковачевски ќе продолжат по патот на отворањето можности за подобро разбирање. Од моето искуство, не само како известувач, туку и како човек кој доаѓа тука разговара со граѓаните, со политичарите, можам да заклучам дека единствениот проблем е тоа што не се разбираме, тоа што не знаеме едни за други. Неразбирањето доаѓа од таму и треба да се кажуваат добрите примери, дека ние сме на правилниот пат да се разбереме подобро, таков е примерот со договорот помеѓу МИА и Бугарската телеграфска агенција, бидејќи преку константната размена на информациите народите ќе знаат повеќе за себе си – изјави Ќучук.

Според него, важно е да се поттикнат граѓаните и локалната власт интензивно да учествуваат во развојот на односите меѓу Бугарија и Македонија.

Овде сум не само како известувач на Европскиот парламент за Македонија, туку и како непоправлив оптимист дека двете земји можат да се разберат и да бидат пример за партнерството на Балканот за европските стандарди. Сметам дека мора да се посветиме со сите сили и неуморно да работиме на реализација на оваа идеја, бидејќи нашите граѓани тоа го заслужуваат, „Граѓански придонес во градење на доверба, заедништво и сојузништво“ , организирано од Renew Europe и АУЕ-ФОН во соработка и со учество на претставници од локалната самоуправа и граѓанскиот сектор од Македонија и Бугарија. Не можам, а да не му се восхитувам на продолжувањето на дијалогот во последните две недели и многу се надевам дека по пауза од повеќе од година и пол, меѓувладините разговори конечно ќе дадат конкретни резултати – истакна Ќучук.

Тој додаде дека Договорот за пријателство и соработка меѓу Македонија и Бугарија и сеопфатниот развој и продлабочувањето на пријателските добрососедски односи, се во интерес на народите на Република Бугарија и Република Македонија.

На конференцијата „Граѓански придонес во градење на доверба, заедништво и сојузништво“ воедно учествуваа и градоначалниците Радослав Ревански, Висар Ганиу, Костадин Костадиновски, Тимчо Муцунски, како и многу други младински и образовни претставници.

Настанот е со идеја да се поттикне дебата за моменталната состојба помеѓу двете држави Република Македонија и Република Бугарија, предизвиците и можностите за граѓански придонес во градење на доверба, заедништво и сојузништво помеѓу двете држави.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.