Претседателот на Собранието ја откажа седницата на Постојаната анкетна комисија во Собранието. На дневен ред беа точките за тетовската модуларна болница, трагедијата во Бугарија и жалбата на вработен во Министерството за одбрана. Според првиот човек на комисијата, Халил Снопче, откажувањето на седницата е прекршок за кој ќе следи одговорност.

Сметам дека за прв пат во нашата парламентарна историја се случува претседателот на Собранието да откаже седница на работното тело свикано од претседателот на телото. Како може да се откаже седница која не само што е законска, туку и фактички не е одржана? Каде ја наоѓате правната основа за ова? Вие г-не Џафери, дали мислите дека сте Уставен суд и оти имате право да поништувате акти и дејства…, рече Халил Снопче, претседател на Анкетната комисија во Собранието.

Спикерот Џафери одговори дека претставката на граѓанинот Мухаедин Бела упатена до првиот човек на комисијата се коси со Деловникот и Уставот.

Во членот 185 од Деловникот на Собранието е пропишано дека Собранието, меѓу другото, може да разгледува и информации доставени од овластени предлагачи. Тоа значи дека истите треба да се достават до претседателот на Собранието, а претседателот да ги доставува до пратениците. Во тој случај може да се разгледаат на седница на надлежните работни тела, се наведува во одговорот кон претседателот на Постојаната анкетна комисија.

Средбата беше закажана за 25 март, а потоа беше побарано да се одложи и да се одржи на 5 април. Одговорот од првиот човек на Собранието за откажување на седницата бил добиен на 1 април.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.