Здружението на даватели на комунални услуги АДКОМ, бара итна средба со Министерството за транспорт и врски бидејќи со раскинување на договорите со моменталните снабдувачи на електрична енергија, се очекува зголемување на енергија на слободен пазар, при што јавните комунални претпријатија ќе работат само за да ја платат сметката за струја, истакна на денешната прес-конференција Иван Иванов претседател на Управниот одбор на АДКОМ.

ЈКП даватели на водни услуги нема да бидат во можност да обезбедат континуитет во давањето на водните услуги, со што, имајќи ја предвид постоечката криза и значењето за водата за животот и здравјето на населението и формирањето на сите други субјекти, може да го доведе во опасност целокупното функционирање на државата, вели Иванов.

АДКОМ бараат од Владата да ја разгледа можноста ЈКП да почнат да се снабдуваат со електрична енергија од ЕСМ, по исти тарифи како котларниците, топлотните станици, училиштата и сите други институции што се со повластена тарифа.

Доколку не се преземат мерки, Иванов апелира дека ќе бидат принудени да спроведат рестрикции во потрошувачката на електрична енергија, што ќе значи исклучување од работа на пречистилните станици за отпадни води како најголеми потрошувачи.

Бараме и итно враќање во собраниска процедура на законот со којшто се врши отпис на камати и репрограмирање на долгови што ЈКП ги имаат спрема државните институции, вклучувајќи и долгови што ќе настанат во период додека трае енергетската криза. Со оваа мерка ќе се олесни работата на ЈКП и ќе се ослободат од блокадите што ги имаат, но ќе успее и исплатата на покачената плата, додава тој.

Директорот на Управниот одбор на АДКОМ нагласи дека правото на здрава и квалитетна вода за пиење и чиста животна средина е уставно загарантирано право, но за жал и покрај секојдневните укажувања од нивна страна надлежните не ја разбираат сериозноста на ситуацијата во која се наоѓаат Јавните комунални претпријатија



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.