Со законски измени ќе се овозможи определување привремен управител во зградите, со што се очекува да се надмине проблемот во поголемиот број згради кои досега не го уредиле управувањето во заедничките делови во согласност со Законот за домување. Со тоа, според Регулаторната комисија за домување, значително ќе им се помогне на граѓаните во надминување на бројните проблеми и тешкотии во однос на одржувањето собир на сопственици и донесување одлуки.

Голем број згради се уште немаат управители ниту пак формирано заедници на станари, односно функционираат по старо со куќен совет што не постои како институција. И заедницата на станари мора да биде регистрирана во Централниот регистар. Така е во светот и само тој начин на функционирање може да направи ред особено со зголемувањето на колективното домување во државата. Овој голем проблем може да биде надминат со определување привремен управител од страна на градоначалниците или Регулаторната комисија за домување, вели претседателот на Комисијата Зоран Маџовски во разговор за МИА.

Со измените ќе се зголеми можноста за опфат со управување и на зградите составени од пет и повеќе посебни делови, што се очекува да придонесе за зголемување на ангажманот на професионалните управители, како и можност за нови вработувања во овие правни лица. Досега, со Законот беше овозможено да има управител во објект со над осум стана.

Се предлага да се зголеми и износот што се плаќа за лиценцата за управители на 1000 евра, кој сега изнесува 150 евра за период од пет години, како и да се овозможи вработување на по две лица со високо образование без ограничување на факултетот и на три лица со средно образование. Со измените се предлага и правилниците што произлегуваат од Законот за домување да ги носи Регулаторната комисија за домување, а не Министерството за транспорт и врски.

Од Комисијата очекуваат измените наскоро да влезат во владина процедура и со нив да се надминат аномалиите при примената на постојниот Закон за домување.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.