Синдикатот на Контрола на летање М-НАВ најави предупредувачки штрајк на 25 декември од 10 до 17 часот и за Нова година, како реакција на објавени огласи за вработувања во М-НАВ, со критериуми, според претседателот на Синдикатот Александар Тасевски, спротивни на постигнатата спогодба со менаџментот од октомври годинава.

Бидејќи е прекршена спогодбата помеѓу Синдикатот и директорите на М-НАВ за која гарант беше министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, го реактивираме штрајкот на 25 декември од 10 часот до 15 часот, по што ќе се штрајкува и на 31 декември од 00.01 до 1 јануари во 23.59, потврди во изјава за МИА Тасевски.

Доколку не бидат повлечени објавените огласи најавува дека на 25 декември ќе нема полетувања и слетувања на Меѓународниот аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, а во тек на штрајкот за Нова година покрај блокада на авиосообраќајот на двата аеродрома нема да се опслужуваат ниту прелетите.

Тој вели дека договореното за роковите за времетретрање на огласите за вработување не се почитува, а кадарот кој сакаат да го вработат, како што рече, не е од суштинските дејности и не е потребен. -Станува збор за деловни асистенти и советник за човечки ресурси, место што според наши сознанија е за еден од поранешните директори во М-НАВ, рече Тасевски.

Едниот оглас, појасни, е со траење од 10 дена, наместо 10 работни, а другиот три дена од кои два се сабота и недела.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.