Во интервју за „24 Отворено” претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска зборуваше за состојбата во Судот, за факторите кои влијаат врз довербата на граѓаните во судството, пропаѓањето на предметите од СЈО и последиците од измените на Кривичниот законик, за притисоците врз судиите и културата на неказнивост во државата. На прашањето дали Уставниот суд ќе одлучува за партијата „Десна“, чијшто претседател е осомничен за двојното убиство кое ја вознемири јавноста, претседателката ја објасни процедурата и надлежноста на Уставниот суд за одлучување за програмите и статутите на политичките партии и кажа дека досега нема пристигнато иницијатива за оваа политичка партија.

На прашањето кој ја креира перцепцијата на граѓаните во судството и на што се должи недовербата, Кацарска одговори:

За креирањето на таа перцепција има повеќе причини и фактори кои придонесуваат за тоа, секако дека основно е перцепцијата ја креираат самите судии. Колку побрзо ги носат пресудите, колку се судиите поекспедитивни во работата, колку поквалитетни и професионални одлуки носат, секако дека граѓаните ќе го видат тоа и ќе имаат повеќе доверба во судството. Меѓутоа имаме и ситуација да понекогаш има критики од страна на политичарите и некои од нив се навистина несмасни, неосновани и сето тоа придонесува за ниската доверба. Јас бев 34 години судија, не паметам да била пониска довербата во судството отколку што е сега и сметам дека судиите треба максимално да се ангажираат и да се посветат на тоа. Судиската работа е многу тешка работа, тие носат одлуки со кои изрекуваат казни затвор, одлучуваат за притвори, за сопствености, за надомест на штета, одлучуваат за прашања кои ги тангираат граѓаните. Затоа мора таа правда да биде брза, затоа што спората правда е неправда. И затоа велам има повеќе причини и фактори, не може вината да се бара на една страна, но основното е кај судиите. Не треба судиите да гледаат кога завршува работнто време, тие се избрани и именувани функционери нели. Ние знаеме дека во Собранието пратениците знаат и доцна во ноќта да завршуваат со седниците, Владата знае исто така навечер да држи седници покрај сите други ангажмани што ги имаат, единствено, судиите како да гледаат да дојде до 15 часот за да ја напуштат судската зграда. Ова го гледаат граѓаните, вие медиумите сте постојано присутни, особено во Кривичниот суд а ја следите и рбаотата на Апелациониот суд.

На прашњето за законските измени на Кривичниот законик и колку политиката влијае на ставовите врз перцепцијата на граѓаните ?

Во поглед на измената на Кривичниот законик јас бев меѓу првите кои ги критикуваше овие измени, и останувам на тој став, дека е голема грешка што се донесе тој закон за измена на КЗ. Имаше една цела институција која беше надлежна да гони високопрофилни случаи на т.н. „бели јаки”. Сите тие предмети пропаднаа и факт е дека тоа придонесува да се намали угледот на судството. Но, да гледаме и од една друга страна. Ако судиите имаа донесено пресуди за овие предмети, не верувам дека ќе беше донесен тој закон. Ако го читаме тој извештај на ЕК, ќе видиме дека завршени се само шест предмети, од кои три предмети се мои, тоа се „Тенк”, „Транспортер” и „Триста”, ако сите судии ги завршеа сите останати предмети, или барем најголемиот дел…првенствена е улогата на судијата, ако првостепениот судија ги суди предметите 5, 6 или 10 години што тогаш да очекуваат граѓаните? Која е таа правда? Овие предмети, дел од нив воопшто не стигнаа пред Апелациониот суд, а факт е дека некои во Апелациониот суд се чуваа со години. Јас ќе тргнам од моите предмети, еве случајот „Транспортер”, беше некаде две години можеби и повеќе пред Апелациониот суд, а се работи за притворски предмет, таму Владимир Талески, поранешниот градоначалник на општината имаше куќен притвор, исто и секретарот на општината Слободан Бончановски, и тие во овој период од две години седеа дома а им се пресметува во казната затвор, а како што читав од порталите Vладимир Талески земаше и плата. Истото беше и со случајот „27 април”. Ако јас го завршив тој предмет за пет и пол месеци, недозволиво е во Апелација притворски предмет да седи година или повеќе од година дена. Затоа велам судиите се тие од кои што зависи времето на траењето на постапката.

На прашањето како ова сега да се поправи, Кацарска рече:

Не може ова никако да се поправи, законот е во сила, тие предмети кои се во судска постапка ќе застарат, како тоа би се изменило? Слушам дека се подготвува нов КЗ, и во него би се вратиле некои стари одредби, но тоа ќе важи за сите сторители на кривични дела од моментот кога ќе стапи тој закон и важно е во кој момент е сторено кривичното дело. Но оваа штета не може да се исправи.

На прашањето за политичките притисоци, обвинувања од некои политички партии, претседателката одговори:

Што и да прават јас тоа не го чувствувам како притисок, тоа е одлука на политичка некултура, една партија постојано ме критикуваше, но јас не очекував дека ќе ме поздрават или да ја пофалат мојата работа, да ми ракоплескаат за тоа, затоа што јас судев нивни членови од високото раководство. Можеби мислеа дека на тој начин ќе ми вршат притисок, можеби мислеа дека ќе донесам ослободителни пресуди, но очигледно не ме познаваат затоа што јас носам пресуди исклучиво врз докази. Од друга страна јас во мојата кариера имам бројни ослободителни пресуди и за тешки кривични дела, таму каде што нема докази нема шанса да осудам некого, но таму каде што има докази кои на јасен начин укажуваат кој е сторител и на кое кривично дело нема некој што ќе ме поколеба.

Во врска со партијата „ДЕСНА” и прашањето дали Уставниот суд има иницијатива за да ја укинува оваа партија, претседателката Кацарска одговори:

Уставниот суд има надлежност да постапува за политички партии, но само во делот на нивните програми и статутот, во смисла дали се во согласност со Уставот, околу регистрација и бришење на партии надлежен е граѓанскиот суд. До денеска ние немаме добиено таква иницијатива.

На прашањето на новинарот како гледа на интервјуто на претседателката на Врховниот суд во кое зборува за притисоци и реакциите во јавноста одговори:

Остана недоречено сето тоа, се слушна дека наводно имало политички притисоци врз судиите, врз кој судија имало притисок јавноста не знае, не се знае на кој начин е вршен притисокот. Треба да излезете пред јавноста и да не ја оставате во размислување што тоа се случило, дали имало телефонско јавување, средби, дали за целокупната работа имало притисоци или само за одреден предмет. Ако е еден судија врз кој е вршен притисок треба тој да пријави во Судскиот совет, ако има закани, треба да го пријави во органите на прогонот. Треба да внимаваме кога зборуваме за притисоци или состојба, мора секој да настапува со докази со факти и отворено. Друго нешто, секој судија треба сам да се справува со притисоците, има различни начини, како вие дозволувате да ви се јавува некој? Зошто мене не ми се јавува? Се е ова недоречено и остава многу дилеми кај јавноста, исто и кај мене.

На можните аспекти на надминување на состојбата во Судскиот совет, Кацарска кажа:

Ова срам за државата, во ниеден состав на Судскиот совет не се случило она што моментално се случува таму. Навистина мислам дека ова е максимално дно што можеше да го достине Судскиот совет. Таму има и професионалци, има добри и чесни, но има и некои што се залутани, некои кои го прават тој раздор во Судскиот совет, некои кои се преценуваат себеси и се поставуваат онака како што не треба. Домашното воспитување и карактерот на секој човек се многу битни. На сето она што се случи некои членови сметам дека сами требаше достоинствено да го напуштат Судскиот совет. Ако барем малку ја сакаат својата татковина нема да дозволат да се случува овој срам, нема да дозволат да имаме извештај со дури 40 препораки…

Направи ли Владата клучни грешки за да го реформира овој процес и да го поттикне интегритетот кај судиите, кажа:

Со судството најмалку се занимаваат и оваа и претходната и сите изминати влади, од 1996 година наваму чинам како судството е оставено, сметам од аспект дека нема реформи, видливи реформи, се е тоа нешто ситно, но она клучно што треба да се направи не се прави”.

На прашањето има ли притисоци во Уставниот суд со оглед дека има одлуки кои го тангираат бизнисот, претседателката Добрила Кацарска одговори:

Дали има притисоци врз другите судии не можам да кажам мене никој не ми спомнал такво нешто, но овде пред целата јавност кажувам дека мене ниту во Кривичниот суд, или Уставниот суд може да ми врши притисок, ниту пак се осмелува на тоа. Секогаш одлуките ги носам онака како што сметам согласно законот или Уставот, дали грешам или не тоа ќе ценат граѓаните, но секогаш е тоа моја одлука. Еве на пример за Законот за солидарен данок, кај мене бараа прием неколку стопанственици и истите беа примени, јас примам странки но секогаш тоа го правам во присуство на секретарот и на портпаролот. Кажаа нивно размислување, но јас им кажав дека ќе гласам како што јас ценам. Треба да ги прочитам иницијативите и рефератот и конечно, кога ќе донесам одлука во својата глава тогаш гласам така како што јас мислам. Тоа не го сфаќам како притисок, се интересираа кога ќе биде тој предмет и на тоа не одговорив затоа што не можам да знам. Кога ќе биде готов тој реферат јас го ставам на седница.

Во врска со случајот на ИРЛ и општата перцепција дали суд може да одредува кој ќе биде новинар, а кој не, одговори:

Непрофесионално е да коментирам неправосилна одлука, таа одлука ќе оди најверојатно по жалба да причекаме што ќе каже Апелациониот суд во Скопје. Таа пресуда не сум ја видела воопшто. Можам да кажам дека цензурата е забранета со Устав, воедно слобода на мислата, јавното изразување на мислата тоа е уставно гарантирано, едно од човековите слободи и права е тоа. Но, што е напишано во пресудата не знам. Од аспект на слобода на изразување на мислата, ние имавме предмет за новинарот на Фокус, Влатко Стојановски за настаните од 27 април. Е тука можам да кажам затоа што ние имаме донесено одлука, а ги читав пресудите на Граѓанскиот и Апелациониот суд и за мене беше несфатливо како може да се каже дека како може во пресуда да пишува дека државата направила доволно со самиот факт што поднела обвинение за некои учесници во настаните од 27 април. Бидејќи јас го судев тој предмет и гледавме многу снимки, ќе кажам дека не е точно дека државата направи било што за да ги заштити граѓаните, пратениците, новинарите и вработените во собранието. Таму имаше еден мал број присутни припадници на полицијата, облечени во целосна борбена униформа, кои едноставно не ни седеа на фотелјите туку беа залегнати на фотелјите, се поздравуваа со оние маскирани лица, а на некои даваа и вода. И како Граѓанскиот суд поврзува дека полицијата доволно направила со тоа што поднела обвинение ми беше несфатливо, навистина бев вчудоневидена. Од друга страна, државата не можела да обезбеди доволно полиција за да ги заштити сите граѓани што протестираат. Судовите не ја направиле основната разлика. Влатко Стојановски не беше присутен на тие протести како граѓанин, беше присутен како новинар и државата не го заштити него како новинар и не му овозможи слободно да ја работи својата работа и слободно да ја изнесе својата мисла, јавно да ја изрази. И тука Уставниот суд реагираше и утврди таква повреда.

За одлуката на Уставниот суд после која се зголемија платите на избраните и именувани лица и прашањето дали може да се намалат платите на судиите и обвинителите, дали има законски основ одговори:

Кај судиите и обвинителите не смеат да ги намалат платите затоа што тие имаат посебни закони според кои, никој не смее да ги намалува нивните плати. Да нема недоразбирање, Уставниот суд не ги зголеми платите на избраните и именувани функционери како што тоа се прикажува во јавноста. Уставниот суд цени усогласеност на закон со Устав, она што го направиле тогаш пратениците е неуставно и затоа ние реагиравме. Сега се на потег пратениците и Владата, можат во секој момент да донесат нов закон и притоа треба да ја изменат основната одредба на законот,какви измени ќе донесат треба нив да ги прашате.

Интервјуто се емитуваше на Телевизија 24 на 19.12.2023 од 20:45 часот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.