Општина Тетово ја разреши директорката на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ Теута Лала, откако тоа го побарал Советот на училиштето.

На овој и ваков развој на настаните му претходела ревизорска контрола на нејзиното работење која утврдила низа прекршоци кои предизвикале негативни финансиски импликации и нарушување на воспитно-образовниот процес.

Информирајќи за ова, Назми Даути, раководител на секторот за образование во општина Тетово, уште рекол дека во меѓувреме била покрената и тужба против директорката.

Алсат – М телевизија, која имала увид во ревизорскиот извештај, потврдува дека имало прекршувања и тоа по осум основи: реализација на некои градежни работи без важечки договор со фирмата, без формирање надзорна комисија за реализација на градежните работи и немање соодветна документација за реализација на овие градежни работи.

Од своја страна, директорката Лала, ја нарекла ревизијата селективна, најавувајќи и жалба.

Според неа, ревизорскиот извештај го опфаќал периодот само додека таа била директорка и дека со него не бил опфатен голем временски период и поради тоа смета дека ревизијата била селективна.

Лала го обвини градоначалникот Касами дека превзел избрзани дејствија и поради тоа ќе преземела законски дејствија.

-Сметам дека решението кое што го добив од градоначалникот Касами е незаконско и ќе го обжалам. Ќе ги продолжам сите процедури за да се увиди дека извештајот е селективен кон мене и ќе сторам сѐ вистината да излезе на виделина – изјавила разрешената директорка.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.