Во манастирот „Св. Јован Претеча“ во Слепче и во соборниот храм „Св. Вмч. Димитриј“ во Битола, викедов со свечени богослужби ќе биде канонизирана преподобномаченичката Стефанида Битолско-Скадарска.

Свеченото вбројување на преподобномаченичката Стефанида Битолско-Скадарска во диптихот на светителите и исповедниците, ќе почне во манастирот „Св. Јован Претеча“, Слепче, Демирхисарско, каде што вечерва во 17 часот ќе биде отслужена Вечерна богослужба.

Утре, во соборниот храм „Св. Вмч. Димитриј“, во Битола, ќе биде отслужена богослужба во 7 часот, а во продолжение, во 9 часот – Света архијерејска литургија, на која ќе биде објавена одлуката на САС на МПЦ-ОА, за впишување на Светата преподобномаченичка Стефанида Битолско-Скадарска во списокот на Светите.

Светиот архијерејски синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, на својата редовна седница во работен состав, одржана на 11 април 2024 година, по предлог на Синодската комисијата за канонизирање на светии, донесе одлука да ја вброи преподобно-маченичката Стефанида Битолска во диптихот на светителите и исповедниците.

Моштите на света Стефанида се наоѓаат во манастирот „Св. Јован Претеча“, Слепче, а сестринството на овој манастир ја наслика иконата на оваа новопројавена Божја угодничка и го состави нејзиното житие.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.