Претседателот на Владата на Република Македонија, Димитар Ковачевски, се сретна со Џајлз Норман, амбасадор на Канада за нашата држава.
Заеднички е оценето дека пријателството помеѓу Македонија и Канада е искрено и цврсто и во таа насока продолжува да се развива, со активна соработка меѓу двете држави и како полноправни членки на НАТО.
Изразени се честитки до премиерот Ковачевски за стапувањето на должноста и е соопштено дека се видливи заложбите на Владата за справување со последиците од светската криза, како што е вчера усвоениот пакет економски мерки.
Исто така, пренесено е дека се почитуваат политиките и брзите реакции на Република Македонија во однос на ситуацијата во Украина, а коишто се на линија на политиките на НАТО.
Премиерот Ковачевски рече дека за нашата држава Канада е вистински пријател и оцени дека постојат можности за унапредување на соработката во делот на инвестициите.
Во однос на ситуацијата во Украина, премиерот Ковачевски нагласи дека политиките на Владата се и ќе бидат на линија на позициите на стратешките партнери на Република Македонија, НАТО и на Европската Унија.
Претседателот на Владата, Ковачевски, рече дека Владата, на домашен план, е посветена на изнаоѓање решенија за заштита на животниот стандард на граѓаните и за поддршка на компаниите со цел надминување на тековните економски и енергетски предизвици, како и дека останува посветеноста за членство во ЕУ, во рамки на коишто заложби се и разговорите со Република Бугарија, коишто се поставени на ниво на меѓусебно почитување.
На средбата е констатирано дека иницијативата Отворен Балкан дава резултати преку поедноставени процедури на функционирање во повеќе области. При тоа е нагласено дека местото на Република Македонија, како и на земјите од регионот е во Европската Унија, како и дека е тоа од важност и за Унијата и нејзината стабилност.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.