Професорот Калајџиев вели дека кризата која произлезе од случувањата меѓу Обвинителството за организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК) и Финансиската полиција е многу проблематична и оти можеби треба да се свика и Советот за безбедност.
Според него, чудно е што ниту Владата, ниту Министерството за правда не го коментираат случајот.
Случувањата помеѓу Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција и Финансиската полиција покажуваат судир внатре во власта, смета универзитетскиот професор по Кривично право, Гордан Калајџиев. Тој во интервју за „Радио Слободна Европа“ рече дека во целиот случај изгуби Обвинителството.
„Најдобро беше да продолжи постапката за сомневањата во Финансиската полиција колку е можно без големи потреси, со некакво суспендирање и давање на предметот на друг обвинител, што е можно. Меѓутоа, се разреши на многу неочекуван начин, во смисла дека практично обвинителот вината ја префрли врз своите обвинителки и се води дисциплинска и кривична постапка против нив, а доколку беше доследен требаше да ја сопре постапката против Финансиската полиција и нејзиниот в.д. директор, бидејќи ако навистина има тешки злоупотреби тогаш таа постапка е незаконска“,вели Калајџиев.
Прашан кој е помоќен во државата, Обвинителството или организираниот криминал, Калајџиев вели дека организираниот криминал има сериозни врски со политичката елита и оттаму се можни вакви невообичаени комбинации.
„Повеќе мислам дека е загрижувачки во моментот како државата реагира на имплементацијата на законите и борбата против криминалот и корупцијата. Во моментот е загрижувачки, да речам, тргање на добар дел, практично половина од Обвинителството за организиран криминал, што е практично распад на системот. Малку е чудно е што имаме молк од надлежните институции, Владата, Министерството за правда, па дури и претседателот. Јас да сум на местото на претседателот, ценејќи ја оваа криза како многу проблематична за државата вооопшто, би свикал Совет за безбедност.“,
рече Калајџиев појаснувајќи дека ова е длабока криза на власта и оти очигледно има некаков судир внатре.
Професорот Калајџиев вели дека невообичаено е што Јавниот обвинител на Република Македонија, Љубомир Јовески не застанал зад шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција, Вилма Русковска.
„Вообичаено е обвинителот да ги поддржи своите, да даде поддршка на своите луѓе и да ги онезможи притисоците кон нив. Во овој случај некако како државниот обвинител да застана на другата страна. Дали тоа значи негова коруптивност врзана со изборот во Уставниот суд или некоја друга… Ние знаеме дека едноставно нашиот начин на поставување на главниот обвинител, кој го назначува, односно го предлага владата, е суштински погрешен и воведува до постојани проблеми на влијание на извршната власт и политичката елита врз Обвинителството, што е многу штетно со оглед на хиерархијата внатре во Обвинителството.“,
рече Калајџиев.
Прашан дали со последните случувања шансите на Русковска да го наследи Јовески се уништени, професорот рече дека тоа е можно само доколку се промени власта.
„Да биде заменик на Јовески шансите практично се минимални, ако остане ова решение обвинителот да го предлага Владата. Шансите се можни само доколку се смени власта. Ова може да и донесе поени како борец против влијанија политички, ако успее добро да ги аргументира и ако ја поддржат. До сега гледаме дека нема поддршка, за жал, многу резервирано го следат и меѓународната заедница, и странските амбасади и ЕУ, зачудувачки, можеби бараат повеќе информации. За мене оваа состојба е алармантна во смисла дека се распаѓа правниот систем.“,
рече Калајџиев.
Прашан дали овие случувања дополнително ќе ја намалат довербата во правосудството, тој рече дека во оваа држава правдата ве стига само доколку паркирате погрешно.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.