Корупцискиот скандал на власта со изборот на надзор за изградбата на коридорите 8 и 10Д е како сапуница, мислиш ќе престане, а веќе следниот момент излегуваат нови детали, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Ковачевски и Груби колку повеќе лажат, толку повеќе излегуваат на виделина сите аспекти на матните зделки со овој тендер. Компанијата „Електра Солушн“, која Ковачевски и Груби лажеа дека е само локален минорен партнер во конзорциумот кој ќе го води надзор, се испостави дека е клучен партнер преку кој ќе поминат најмногу средства од 22 милионскиот тендер. Патем, фирмата „Електра Солушн“, фирма која до неодамна се занимавала со шиење гаќи, се префрлила во градежниот сектор со сесрдна помош на власта на Ковачевски и Груби. За тоа говори и информацијата дека еден ден откако истата добива лиценца за надзор, таа добива грант од Фондот за иновации од 65.000 евра за проект „Дигитално решение за управување со градежни проекти“. Многу иновативно префрлање од шиење гаќи во градежен надзор.

Да потсетиме, оваа лиценца за надзор компанијата „Електра Солушн“ ја доби на крајно контроверзен начин, односно барањето го поднела 12 дена по распишувањето на повикот за доставување на понуди на тендерот, а во рок од 5 дена и ја добиле истата. Тоа значи дека компанијата за шиење гаќи немаат никакво позначајно искуство за надзор, освен ако не се смета тоа што се цимери во ист двор со компаниите кои претходно го добија истиот тендер, кој патем беше поништен заради нивна поврзаност со руски капитал.

Што уште треба да излезе на виделина за Јавното обвинителство да отвори случај за овој скандал кој смрди на криминал. Власта на Ковачевски и Груби е фатена на дело. Одговорност за овој скандалозен тендер мора да има, не само за функционерите кои ова го дозволиле, туку и правосудните органи кои свесно молчеле и го заштитувале тоа, велат од партијата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.