Не гледај што правам, туку слушај што зборувам. Вака би звучела основната порака на власта на владејачкиот СДСМ од годинешното чествување на 11 Октомври, Денот на востанието на македонскиот народ и сите негови сонародници во Втората светска војна.

Практично, се соочивме со уште еден парадокс во кој оние што кокетираат со неоврховизмот и неонаци-фашизмот славеа ден на антифашизмот, што дава една карикатурлна нишка на целиот настан!

Зашто, токму власта на СДСМ давајќи дозвола за регистрирање на здруженија и клубови на т.н.македонски Бугари со имиња на непосредни соработници на наци-фашизмот е обична кокета, која својата вина за тоа ја префрла на отсуството на соодветна законска регулатива и од институција на институција-пишува новинарот Предрад Димитровски во анализата за „Пресинг ТВ“.

И уште повеќе, како на тацна ни ја дадоа целата слика за дневно-политичката пропагандистичка пресметка со опозицијата, неизбежното добро извежбано болшевичко извртување на тези, селективниот избор на личности, лажно повикување на обединување на општеството и одново, и одново обид за создавање државни непријатели од неистомислениците.

Претседателот Стево Пендаровски во својата честитка по повод 11 Октомври меѓу другото ќе рече:

-Како што излегувајќи во партизани, зад слободарскиот бајрак, застанаа левичари и десничари, Македонци и припадници на останатите националности, селани, работници еснафи и поимотни, така и сега треба да се соочиме со проблемите…

Левичарите ги знаеме, ама кои биле десничарите? Значи, според Пендаровски, во НОБ учествувале и десничари, што е ноторен факт, но за жал, немаше храброст да ги наведе, па остана само да претпоставуваме, кои биле тие. А, само пред четири дена оној Коциќ Демир Хисар  излезе со скандалозна изјава околу тоа чии наследници биле СДСМ, а чии ВМРО-ДПМНЕ. Неговото вулгарно толкување на историјата се сведе на борци комунисти и соработници фашисти, што е далеку од релноста.

Премиерот Димитар Ковачевски од неговото родно Куманово, од пред Спомен-костурницата се обиде да ни продаде магла. Настрана што според неговиот претходник Зоран Заев градот го ослободиле Бугарите, неговото, на Ковачевски, и нашето херојско Куманово до ден денес живее со еден од најголемите срамови на комунизмот. До ден денес не се знае масовната гробница во која се закопани 48 жртви на разулавениот основач на некогашната ОЗНА, Јефто Шашиќ. Во контекст на отворањето на досиејата на бугарско барање, би било добро да направи конкретен чекор за конечно обелоденовување на мистеријата исто како што направи Киро Глигоров за 53-та убиени кај Велес.

Главното мото на годинешното чествување на 11 Октомври-Секогаш на вистинската страна, Ковачевски меѓу другото го искористи за сеење на семето на раздор. Слепата сервилност, послушност и распродажба на се што е свето за Македонците, а што го потврдуваат сите домашни анкети, тој се обиде да ја завие во некакво европско пакување и во аманет на нашите претци.

-Таков е заветот, таков е најсветлиот аманет изграден и оставен од нашите претци, кои секогаш и одлучно, ја избирале вистинската страна. Зато, за секој кој го почитува македонското минато и си ја сака родната земја, ова е патоказот и во одлуките денес и утре! И засекогаш, во сите времиња, ќе рече Ковачевски.

Недостасуваше тоа АМИН на крајот, но неговиот избор на сервилност и на распродажба на македонскиот идентитет, историја, култура, традиција и колективна меморија да го нудиш како единствен е надвор од здравиот разум, исто како што е надвор од здравиот разум на сите кои не се сложуваат со тоа да им импутираш дека не си го почитуваат македонското минато и не си ја сакаат родната земја!

Ковачевски ќе ни понуди и нова верзија за тоа што е предавство.

-Блокадите на закони и мерки дома, на напредокот на меѓународен план, изолацијата на државата-се погрешна страна! И со ништо не може да се оправда ваквото однесување, бидејќи е современ чин на предавство на својот народ и својата држава.

Видиш, не е предавство да смениш име на држава и наместо македонска, да создадеш нова „северномакедонска нација“, не е предавство да потпишуваш целосно асиметрични договори директно поврзани со идентитетски прашања, не е предавство кога нема да дозволиш Македонија да биде во назив на невладини организации, не е предавство кога соседите ти прават целосна ревизија на твојата историја, не е предавство кога соседи ќе ти пишуваат учебници, не е предавство да не смееш да го споменеш тоа на „М“, а не пак да го изговориш…Не!

Типично болшевички обвинувања во чија основа лежи Лениновата мисла дека „омразата е основа на секое социјалистичко и комунистичко движење„ и оти „децата треба да бидат научени да мразат, зашто омразата е основа на комунизмот“.

Така, Таче не врати во 1944/45 година. За него 1948, а да не говориме за 2022, се светлосни години далеку. И во такви околности со кого бара обединување?!

Патем, да не говориме за тоа кого Ковачевски смета за окупатор на Македонија. Бугарија не смее ни да помисли да изговори. А, популистички ќе прави македонска салата и ќе каже и Македонија, и Република Македонија, и Република С****** Македонија. Ќе каже, ама тоа народот веќе не го купува. Доцна е, и тоа премногу-анализира Димитровски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.