Кабинетот на вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска соопшти дека во целост ги демантира и ги оценува како паушални и неосновани обвинувањата од страна на Државната комисија за спречување на корупцијата за наводно непостапување за случајот со струшкиот градоначалник Рамиз Мерко.
За жал, ДКСК предводена од претседателката Ивановска, во обид да ги оправда постапувањата или непостапувањата на ДКСК, се обидува надлежноста и одговорноста да ја префрли на други институции, без притоа да има предвид дали тие се надлежни или не за конкретни случаи, а во тој контекст и со какви механизми располагаат, се наведува во демантот.
Од Кабинетот посочуваат дека во таа насока им предочуваат на членовите на ДКСК дека вицепремиерката Грковска, во согласност со овластувањето што го има од премиерот, е задолжена за спроведување на Кодексот за етичко однесување на членовите на Владата и други функционери избрани од Владата.
Имајќи ја предвид поделбата на власта на локално и на централно ниво, вицепремиерката Грковска нема и не може да има надлежност врз функционер кој е избран на непосредни избори. Од тие причини, вицепремиерката Грковска во оваа насока може да даде само препораки во однос на почитување на принципите за добро владеење и ништо повеќе. За жал не е прв пат, Државната комисија за спречување на корупцијата до Кабинетот на вицепремиерката Грковска да доставува предмети за кои вицепремиерката нема надлежност, како што неодамна беше случајот со Агенција којашто за својата работа одговара пред Собранието, се посочува во реакцијата.
Во соопштението се потсетува ДКСК дека Кабинетот задолжен за политики за добро владеење не е истражен и обвинителски орган, туку сите случаи и информации кои пристигнуваат во Кабинетот се пренесуваат на надлежност на институциите кои според закон треба да постапуваат и да ги процесираат.
Нагласуваме, членовите на Владата ниту можат, ниту смеат да ја преземат улогата на обвинителските и судските органи во државата. Факт е дека правосудните органи не испорачуваат задоволителни резултати во борбата со корупцијата, но тоа не значи дека треба да се наруши уставната поделба на власта, туку да се инсистира на доследни реформи и одговорност во нивните редови, додаваат од Кабинетот на Грковска.
Во реакцијата се посочува и дека овој состав на Државната комисија за спречување на корупцијата има поддршка од Владата, како ниту еден состав претходно, особено во јакнење на капацитетите.
Само за потсетување, од 2017 година има зголемување на буџетот за 59 проценти. Во последните пет години бројот на вработени во Секретаријатот на Комисијата е двојно зголемен, додека во февруари 2021 година, со одлука на Владата обезбедени се нови просторни капацитети кои во целост ги исполнуваат нејзините потреби, а инсталирана е ИКТ опрема обезбедена во 2018 година, се додава во соопштението.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.