Доскорешниот директор на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони и кандидат за претседател на СДСМ, Јован Деспотовски, отвора свој приватен бизнис за кој засега не сака да изнесува детали во јавноста.
Деспотовски сам поднесе оставка како директор на дирекцијата која раководи со слободните индустриски зони, не чекајќи да биде заменет со нов управител од новата власт. По нешто повеќе од два месеци е сопственик на претпријатие за „управувачки дејности“, објави Фактор.
Тој од средината на овој месец е основач на новоформираното друштво за услуги и управување „ТФ Капитал“ во скопско Пржино. Помина една недела откако од него побаравме да даде објаснување со каков бизнис ќе раководи, за потоа да ни рече дека не сака да изнесува детали.
Не би објавувал сега ништо. Ќе имаме нешто интересно следната недела. Сега не би брзал, одговорил Деспотовски, за Фактор.
Деспотовски пред да биде директор на Дирекцијата за ТИРЗ, од 2017 раководеше со Фондот за иновации и технолошки развој. Дипломираниот економист и долгогодишен член на раководството на СДСМ претходно беше секторски раководител на проекти во Секретаријатот за европски прашања.
Тој речиси четири години раководеше со Дирекцијата за ТИРЗ, која е една од институциите во земјата со најголем буџет, бидејќи покрај големите субвенции кои ги одобрува за инвеститорите, организира и други услуги во развојните зони како изградба на придружна инфраструктура и снабдување со природен гас.
Деспотовски на два пати беше кандидат за претседател на СДСМ – еднаш во 2021 и еднаш во 2024, со тоа што вториов пат заврши зад новоизбраниот претседател Венко Филипче по бројот на партиски гласови.
Во моментов немаме потврда дали ќе ги користи менаџерските и политички контакти како ресурс за водење на приватниот бизнис, но барем е сигурно дека како основач на приватен бизнис нема да добива апанажа од државата, како некои други актуелни и поранешни функционери.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.