Долгонајавуваната изградба на булеварот „Партизанска“, нов мост кај гимназијата и решавање на проблемот со паркинг-местата се дел од програмата на штипскиот градоначалник за 2023 година. На денешната презентација, градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов истакна и дека штипјани конечно ќе добијат јавен превоз со модерни автобуси, модерна кино сала, а жителите на населба Железничка конечно ќе ја добијат најавуваната канализациона мрежа.
-Предвидуваме изградба на нов мост на река Брегалница веднаш до постоечкиот мост кај гимназијата „Славчо Стојменски“, изградба на нов кружен тек на крстосницата под паркот К’ртеќе. Проблемот со паркирањето почнуваме да го решаваме со изградба на катни гаражи на две и повеќе нивоа веднаш позади Домот на културата, веднаш до стоковна куќа „Нама“ и до зграда „Промаја“. Ќе започнеме и со уредување на Градскиот плоштад со што истиот ќе добие нов и модерен изглед. Започнуваме со долгонајавуваниот проект за изградба на булеварот „Партизанска“, односно поврзување на населбите Осми ноември и Баби, рече Јорданов.
Забележа дека и годинава ќе има асфалтирање на повеќе улици во градот, како во централното градско подрачје, така и во приградските населби, а напомена и дека ќе продолжат со уредување на десетина мултифункционални спортски игралишта со специјализирана подлога.
-Улица „Борко Талев“, асфалтирање на улиците „Светиниколска“, „Скопска“ и „Битолска“, поплочување на сите улици во автентичен стил во Ново Село, асфалтирање на улиците „Коле Неделковски“, „Цвета Јованова“, асфалтирање на улицата „Петар поп Арсов“ во населба Железничка, улица „Борис Кидриќ“, улица „11 Октомври“, дел од улица „Пиринска“ до спој со улицата „Иво Лола Рибар“, асфалтирање на улицата „Добре Радосавлев“, „Сане Ѓорѓиев“, асфалтирање на улици во Градските гробишта, „4 Јули“, дел од улица „Личка“, улицата „Цветан Димов“, дел од улица „Љубен Иванов“, улица „Руен“ во населба Баби, улица „Васил Доганџиски“, улица „Јаким Стојков“, улица „Димо Хаџи Димов“, реконструкција на преминот преку река Брегалница во населба Македонка, вели Јорданов.
Тој најави и завршување на реконструкцијата на Домот на млади, како и целосно покриен Градски пазар, а посочи дека инвестиционата вредност на сите капитални проекти за 2023 година е 200 милиони денари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.